Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми денеска присуствуваше на презентацијата на системот за отпрашување, кој треба да биде инсталиран во производствените погони на „Макстил“ АД како дел од исполнувањата на обврските од Оперативниот план за добивање на А-интегрирана дозвола на оваа инсталација .
Во оваа прилика Адеми ги повика раководствата на компаниите, кои треба да ги исполнат обврските за обезбедување на еколошките стандарди согласно Законот за животна средина, да преземат конкретни чекори и целосно да ги исполнат оперативните планови до 01 април 2014г. без разлика дали Владата ќе одлучи да го пролонгира рокот или не.
„Процесот за усогласување со еколошките стандарди почна кон крајот на 2006 година. Тоа е долг процес во кој се преговара, се усогласува и се утврдува оперативниот план и на крај се доставува интегрираната дозвола. Бара средства и време за имплементација“, рече Адеми.
Во однос нa пролонгирање на рокот, кој е до крајот на април годинава, министерот информира дека уште нема конечна одлука.
„Без разлика на роковите ова е обврска на ’Макстил’ и на сите други компании и се надевам дека ќе биде исполнета. Пролонгирање може да има одделно, зависи од компаниите кои ќе бараат и за дел од оперативен план. Тоа може да биде неколку месеци, во зависност од барањето и фазата од која компаниите се влезени со инвестиции и со исполнување на оперативниот план. Ако нема инвестиција, проект или воопшто нема почнато со имплементирање тогаш е тешко да се бара одлагање. Треба да знаеме дека пролонгирањето нема да биде за сите капацитети или за сите оперативни планови“, нагласи Адеми, додавајќи дека пролонгирање може да има само за компаниите кои прават конкретни чекори.
Генералниот директор на Макстил, Иван Бановски истакна дека компанијата ќе продолжи да работи паралелено со производството и со имплементација на системот за отпрашување.
Реализацијата на проектот се очекува да започне во месец март, а инвестицијата ќе чини околу 10 милиони евра.
„Имлементацијата на системот од почнување до финално пуштање во употреба на постројката ќе трае осум месеци“, рече Бановски, посочувајќи дека ќе им биде потребно пролонгирање на рокот за околу шест месеци.
Всушност со овој зафатот, во „Макстил“ ќе се надгради и комплементира постоечка постројка за третман на гасови при што нејзиниот моментален капацитет од 163.000 метри кубни на час, ќе се зголеми на 1.800.000 илјади метри кубни на час. Со реализација на системот за отпрашување, емисиите на гасови ќе се контролираат и ќе се испушта филтрирана фугитивна емисија. Вака контролираниот испуст отвара можност за мониторирање кое, исто така, е обврска произлезена од постојната законска регулатива за заштита на животната средина.