Австрискиот канцелар Вернер Фајман смета дека треба да се затворат алтернативните рути, без разлика дали станува збор за Италија или за Бугарија, бидејќи, доколку тоа не се стори уште овој месец, летово Европа повторно ќе биде пред „целосно нерешлива задача“, пренесува МИА.
Во синоќешната емисија „Во центар“ на австриската државна телевизија ОРФ, Фајман изјави дека својот став во политиката кон бегалците го променил бидејќи осознал дека во сите следни години може да очекува уште поголем број мигранти.
Уверен сум дрка бројот на бегалци нема да биде помал, туку многу поголем, рече Фајман, додавајќи дека во дискусијата со германската канцеларка Ангела Меркел, минатата зима, му станало јасно дека решението на „пропуштање“ не функционира.
„Кога се појасно станува дека во Германија постојат луѓе кои мислат дека е добро да дојдат два милиона луѓе и околу 400.000 да останат во Германија, реков дека така не може. Ние не сме чекалница на Германија“, порача тој.
Бидејќи стана јасно дека нема европско решение одлучив да се откаже политиката на „пропуштање“.
Бидејќи нема европско решение ние не сме подготвени да примиме повеќе од 37.500 бегалци. Тоа е нашиот хуманитарен придонес, нагласи Фајман.
Воводувањето ограничувања за прифатот на бегалци Фајман го нарече „план Б“ за самоодбрана.
Мојата единствена грижа е повторно да не се тргне со политиката на пропуштање. Австрија мора да остане цврста при својот став, нагласи тој.
Тоа што не функционира распределбата на бегалци во ЕУ Фајман го објасни со неподготвеноста на бегалците да прифатат други дестинации, освен Германија и Австрија, но и со тоа што организацијата на „жешки точки“ на надворешните граници на ЕУ не функционира.
Инаку, заради емисијата со Фајман телевизијата ОРФ се најде на мета на критики бидејќи во Австрија е невообичаено само еден политичар да биде гостин на јавниот сервис.
Коалицискиот партнер Народната партија (ОВП) остро ја нападна ОРФ истакнувајќи дека со ова докажа дека не е политички неутрална.