Активистики на Фемен денес постојат низ цела Европа. Ова феминистичко движење настана во Украина, меѓутоа, откако Ина Шевченко- една од најпознатите претставнички на Фемен- доби политички азил во Париз во 2013 година, овој град стана средишна точка на организацијата, пишува Дојче веле.
Фемен во Франција се познати, но и озогласени во одредени делови на општеството. Имено, активистките беа дел од борбата за закон со кој што хомосексуалците во 2013 стекнаа право да стапуваат во брак. Противниците и приврзаниците на овој закон со месеци паралелно организираат улични демонстрации, а членките на Фемен во една прилика се обидоа да го спречат собирањето на ривалите, исмејувајќи ја религијата и носејќи провокативни костими како пародија на одорите на калуѓерките.
Покрај тоа, активистките за нив својствен начин го прославија повлекувањето на папата Бенедикт од функцијата во познатата париска црква Нотр Дам со пароли како „Гејм овер за папата“ и „Криза на верата“. Наводно, во таа прилика се оштетени познатите ѕвона на катефралата поради што девет членки на движањето треба да се најдат пред суд – по прв пат во Франција. Постапката е одложена веќе двапати, но треба да почне на деветти јули.
Кој е противник на Фемен?
Се уште постои голем интерес кај медиумите за „секстремистките“ како што тие се нарекуваат. Меѓутоа, во последно време најголемо внимание не привлекуваат нивните ставови ниту паролите на нивните тела, туку внатрешните судири и скандалите во самото движење.
Една од поранешните членки на организацијата, која се идентификува под псевдонимот „Алис“ за конзервативниот весник „Ле Фигаро“ говори за „секташко“ уредување и милитантни вежби кои чинат дел од обуката на активистките. „Алис“ подготвува книга за своето искуство во Фемен и тврди дека внатре во организацијата владее диктатура. Ина Шевченко одговори на обвинувањата преку „Хафингтон пост“, со изјава дека организацијата не е „група на пријателки, туку милитантна организација. Не се среќаваме за да одиме на пијачка, туку за да се бориме.“
Но, за што и против кого Фемен денес се бори? Многу феминистки сметаат дека членките на движењето се однесуваат премногу произволно. Се’ почна со борбата против проституциијата во Украина. Потоа организираат протести против гениталното осакатување, екстремните десничари или семејното насилство. Фемен го поддржаа рускиот панк бенд Пуси Рајот и египетската блогерка Алија Магда Еманхди. Попречуваат телевизиски емисии политички собири или демонстрации на своите идеолошки противници. Внимание привлекуваа во прв ред со недостатокот на облека и сметаат дека целта ги оправдува средствата, дури и пред црква или џамија.
Критики од поранешните активистки
Одредени заштитнички на правата на жената им префрлуваат Фемен дека им недостасува сензибилитет. На пример, активистката Амина Сбоу од Тунис им замерува за непријателството кон исламот, поради наводното спалување на муслиманските симболи и исмејување на муслиманската вера. Вреди да се спомене дека Фемен организираше собири за поддршка на оваа деветнаесетгодишна девојка, која заврши во затвор бидејќи на Фејсбук објавила фотографија каде е гола до половина.
И Амина, како и поранешната членка на Фемен „Алис“, го критикува недостатокот на податоци за финансирање на движењето. Според наводите на медиумите, оваа организација се финансира од приватни донации, своите публикации и така наречените „Фемен-журки“.
И покрај критиките, познатата француска феминистка Каролин Форест и понатаму го поддржува ова движење. Таа тврди дека жените од Фемен ја претставуваат изневерената надеж по портокаловата револуција во Украина.
„Тие се наследнички на советскиот период, годините по Чернобил и мафијашкиот капитализам. Тоа е свет во кој што владеат сосема спротивставени кодови на заводување и претерана сексуализација. Впечатливо нашминкани жени се секси кукли и мажите ја пренагласуваат својата машкост до крајни граници“, вели Форест.
Овие денови, младите Украинки од Париз загрижено ја набљудуваат својата татковина. Ина Шевченко во своето интервју повикува на симнување на претседателот Виктор Јануковиќ. Нејзината земја се уште не пронајде самостоен пат кон подобра иднина.
Активистките како Ина сакаат Украина во која вреди да се живееи во која се слуша гласот на модерните жени. Затоа, борбата на активистките од Фемен уште повеќе може да се разбере како потрага за место во општеството по Советскиот сојуз, општество во кое доминираат мажите. Борбата на движењето продолжува бидејќи во Украина и во целиот свет неопходно е да се работи на правата на жените. Дури и кога тоа значи соблекување на јавни места.