После неколку успешни настапи во Москва, истакнатата македонска уметница Гордана Јосифова Неделковска честопати нарекувана „поетеса на обоа“ повторно доби покана да настапува на реномираниот руски фестивал „Art-November“.
За критичарите таа стана „специјален гостин“ од кој може многу да се научи за да се постигне „неповторливата убавина“ на врвната музичка изведба. Едногласно се одбележуваше нејзиното вонредно чувство за стилот, брилијантната техника, истенченото тонско нијансирање и фразирање, чувството за ансамблово музицирање.
Овој пат нашата уметница настапи на јубилејното, 20-то, фестивалско издание кое траеше од 1 ноември до крајот на јануари, а го одбележаа трите големи проекти: „Моцарт маратон“, „Генерацијата на новата уметност“ и „Изведувачки уметности“. Најзначаен и најпосетен од нив беше „Моцарт Маратонот“ на кој се изведуваа композиции од В.А.Моцарт на најдобрите сцени во Москва како Московскиот конзерваториум, Московскиот центар за изведувачки уметности, Музејот „П. И. Чајковски и Москва“ и Државниот институт за уметнички науки.
Кулминацијата на маратонот беше од 25 – 29 Јануари кога се изведуваа сите концерти од Моцарт за солисти и ансамбли, од страна на многу познати имиња во светот на класичната музика: Алексеј Володин, Петер Лаул, Лорен Лефевр, Едит Пена, Ендрју Тајсон, Линда Чатертон и други еминентни уметници од Русија, европските земји и земјите од Северна и Јужна Америка. На фестивалот настапи и реномираниот Државен оркестар „Ермитаж“.
Гордана Јосифова Неделковска настапи за време на кулминацијата на „Моцарт маратонот“ заедно со Кирил Рибаков – кларинет (Германија), Карл Крамер Јохансен – фагот (САД), Лорен Лефевре – фагот (Франција) и Државниот оркестар „Ермитаж“ од Санкт Петербург кој настапи под диригентското водство на извонредниот диригент Феликс Коробов кој се има здобиено со титулата Заслужен уметник на Русија. Овој концерт се одржа на 27 Јануари, денот на раѓање на Волфганг Амадеус Моцарт.
Во најпознатата сала во Русија, Големата сала – „Бољшој зал“, на Московскиот конзерваториум тие настапија со Концертна синфонија за дувачки инструменти. Публиката, која броеше над 1500 посетители, презадоволна од изведбата, со бурни и долги аплаузи, стоечки овации и цвеќиња ги поздрави овие извонредни уметници.