Господа Столтенберг и Бејли, раскрстете со илузиите дека на Македонците им е подраг НАТО, ЕУ и Америка од сопственото исконско Име и идентитет. Митовите на нашето Име не почнуваат со новокомпонираната американска митологија на Мики Маус и Том и Џери. Нивниот извор е автентичен и недофатливо длабок, и во него нема ни атом грчки карактер, како што сте наумиле да го фалсификувате и да го префрлите како скапоцен имот во туѓ катастер.
Ова, меѓу другото, стои во отвореното писмо што граѓанската иницијатива „Македонски Манифест“ денес го упати до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли.
Во продолжение интегрален текст од отвореното писмо на „Македонски манифест“:
По повод престојниот самит на НАТО во Варшава, неговиот генерален секретар Јенс Столтенберг неодамна изјави дека без решение за прашањето за Името, Република Македонија ни овој пат не може да стане членка на оваа воена алијанса на либералкапиталистичкиот и колонијалистички Запад. Истовремено, како договорени, и американскиот амбасадор Џес Бејли се усогласи со Столтенберг со изјавата дека е сега погоден момент за решавање на спорот со Името.
Македонски манифест и досега повеќе пати се обраќал до овие и сличните господа со пораката дека македонскиот народ ни сега ни во иднина некогаш ќе биде спремен да прифати колективно идентитетско самоубиство, кое перфидно и насилнички е замислено од светските планери на хаосот и смртта. Тој сака, господа Столтенберг и Бејли, да биде со своето Име, како искон и иднина, а не во НАТО – воено профитерска организација создадена за интересите на Америка и моќните западни бизнис корпорации и банки. За ништо друго. НАТО одблизу го запознавме при неговото бомбардирање на Србија, и на своја кожа, во Македонија во 2001-ва, кога отворено застана на страна на терористите, прогласувајќи ги уште и за борци за човекови права и доведувајќи ни ги директно во владата и парламентот.
Господа Столтенберг и Бејли, раскрстете со илузиите дека на Македонците им е подраг НАТО, ЕУ и Америка од сопственото исконско Име и идентитет.
Митовите на нашето Име не почнуваат со новокомпонираната американска митологија на Мики Маус и Том и Џери. Нивниот извор е автентичен и недофатливо длабок, и во него нема ни атом грчки карактер, како што сте наумиле да го фалсификувате и да го префрлите како скапоцен имот во туѓ катастер. Тоа нема никогаш да се случи, господа Столтенберг и Бејли, затоа и Македонски манифест ви порачува дека џабе ги трошите парите и на некои невладини кај нас, легнати на јаслите на Сорос и УСАИД, навлекувајќи ги на вашата валкана и геноцидна пропаганда за идентитетско убиство на Македонија и Македонците. НАТО, сличните на него, и големите империи од кој било вид се создадени од распадлив материјал, а Македонија од атомите на исконот и вечноста. Затоа и останала досега низ страшните историски голготи и премрежја. Затоа и ќе постои вечно со сопственото Име и идентитет!
Македонски манифест