Рудниците успешно ја започнаа работата, а очекувањата се дека оваа година ќе биде на ниво од 2013-та, односно успешна во сите делови на рударството, истакна денеска претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Николајчо Николов по средбата со министерот за економија, Ваљон Сараќини.
„Во рудниците, за наша среќа, почна работата успешно, ние имаме добри временски улсови и очекуваме 2014-та да биде на ниво на 2013-та, односно да биде успешна во сите делови на рударството, особено во металичните сировини, бидејќи на повидок е стабилизација на цените на металите и очекуваме да имаме стабилна година“, рече Николов, по средбата со министерот за економија Ваљон Сараќини во Стопанската комора на Македонија.
На денешната средба, како што беше истакнато, станало збор за неколку важни закони со кои што во целост ќе се регулира оваа област, а во исто време домашната ќе се изедначи со европската регулатива.
„Меѓу поглавните беа изработка на два нови закона за геологија кои ќе ги опфатат областите на деталните геолошки истражувања, и законот за рударство кој ќе го опфати делот на експлоатација на минерални суровини…Информиравме дека се формираше нов Инспекторат за рударство, чија обврска ќе биде проверката на рудниците. Четвртата можеби најбитна работа е нова стратегија и нов правилник за мерките за заштита при работа“, потенцираше министерот за економија, Ваљон Сараќини.
Моментално во преговори сме со консултанти од Чешка, Полска и Словенија, рече тој, за да можеме да најприфатливото законодавство од овие земји да биде усогласено со нашето.