ВМРО-ДПМНЕ: Излезе на површина лицемерието на Заев дека наводно се залагал за укинување на аболициите

Одбивањето на СДСМ да учествува во расправата за донесување на измени на Законот за помилување е ново бегство на Зоран Заев од одговорноста и излегување на површина на лицемерието дека наводно се залагал за укинување на аболициите, се вели во соопштението што владејачката ВМРО-ДПМНЕ денес го упати како реакција на пресконференцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:

Одбивањето на СДСМ да учествува во расправата за донесување на измени на Законот за помилување е ново бегство на Зоран Заев од одговорноста и излегување на површина на лицемерието дека наводно се залагал за укинување на аболициите.

Зоран Заев досега не побара да му биде укината аболицијата за „Глобал“, случај во кој што истиот се товари дека незаконски се стекнал со 8 милиони евра.

Измените во Законот што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нудат токму таква можност, да биде повлечена аболицијата на Зоран Заев и државата да ги врати осумте милиони евра за кои е оштетена во случајот „Глобал“.

Изминативе шест месеци јавноста беше сведок на деструкцијата на СДСМ откако влезе во институциите. Шест месеци партиските кадри на СДСМ не реализираа ниту еден позитивен проект од полза на граѓаните. Шест месеци само ги блокираа веќе отпочнатите проекти и работеа на ангажирање на партиските послушници на високи позиции во позиции во министерствата кои ги раководеа. Владата беше дисфункционална.

Не постои ниту една единствена разумна причина зошто мнозинството пратеници во Собранието не би ги прифатиле оставките на партиските кадри на Зоран Заев. СДСМ и Зораз Заев избегаа и од изборно соочување на 5 јуни покажувајќи дека се смртно преплашени од фактот дека народот ја прочита нивната деструкција и ќе ги казни на избори. Со тоа не постои ниту едно образложение зошто кадрите на СДСМ би останале во Влада, во ситуација кога нивниот лидер не е подготвен да излезе на изборно соочување.

Република Македонија треба и мора да тргне напред. Република Македонија не смее да остане заложник на стравот на Зоран Заев од избори. Владата мора да биде функционална и да реализира проекти во полза на граѓаните. Владата мора да работи на приоритетите и реформите за постигнување на европските стандарди.