Педесет и двајца лиценцирани туристички водичи денеска добија сертификати за водење туристи на Кокино по поминатата бесплатна обука од НУ Музеј Куманово во чија надлежност е тој архео-астрономски локалитет во североисточна Македонија.
Партнер во реализирањето на обуките, кои се дел од долгорочна иницијатива за развој на Кокино како туристичка дестинација, е Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Директорката на Музеј Куманово Анита Цветановска истакна дека сертифицирањето на водичите е поттикнато од потребата за обезбедување финансиски модел со кој Кокино ќе обезбеди редовни приходи за натамошно подобрување на инфраструктурата.
За таа цел Музејот донел одредени измени за туристичката дејност со локалитетот, меѓу кои најважната се однесува на менаџирањето и одлуката од 1 август 2016 да се почне со наплата на влезници, чија цена ќе биде утврдена деновиве. За десетина дена секоја посета на локалитетот задолжително ќе биде со водич кој ја поминал обуката и добил сертификат.
Со цел верно да се прикаже и долови уникатната вредност која Кокино ја има, од 1 август 2016 година водење тури на Кокино ќе биде дозволено само за туристички водичи кои имаат поминато бесплатна обука и сертификација за туристичко водење на локалитетот, одржана од страна на НУ Музеј Куманово, истакна Цветановска.
Верува дека со тоа ќе придонесат во организираност на посетите на локалитетот и дека моделот на финансирање што го предлагаат ќе помогне во самоодржувањето со што, како што рече, многу полесно ќе се почнат и пообемни уредувања на локалитетот.
Татјана Марковска, менаџер од канцеларијата за економски развој на УСАИД Македонија, истакна дека Кокино може да се претвори во еден од главните центри на туризмот во регионот, доколку се продолжи со насочено инвестирање во локалитетот.
Тоа е само една од многуте дестинации во државава, кои истовремено се дел од богатото културно наследство на Македонија и туристички дестинации кои, доколку се развиваат одговорно и одржливо, можат да бидат адути во рацете на нашата туристичка индустрија, рече Марковска.
За да го поддржи развојот на Кокино, а во соработка со НУ Музеј Куманово, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси ова лето донираше информативни табли, патокази, заштитна ограда за еден дел од локалитетот и го поддржа креирањето на официјалната веб-страница kokino.mk.
Анита Дамјановска од Швајцарската агенција за развој и соработка се осврна на придобивките за локалната економија.
Континуираното вложување во Кокино на долг рок носи придобивки и за локалното население. Токму локалното население, локалните мали бизниси можат да бидат моторот на економскиот развој и развојот на туристичката понуда на рурални, релативно изолирани подрачја како што е Кокино, истакна Дамјановска.
Во своите обраќања тие го посочија значењето на Кокино како една од најстарите опсерватории во светот, од која праисториските жители го набљудувале движењето на Сонцето и Месечината, и уште тогаш направиле маркери во кои Сонцето изгревало на првото утро од почетокот на секое годишно време.