Повеќе од 300 набљудувачи на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе ги мониторираат претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат следниот месец.
Шефот на мисијата на ОДИХР, Герт- Хајнрих Аренс на презентацијата на мисијата истакна дека од денеска изборниот процес го набљудуваат 11 експерти на кои во текот на неделава ќе им се приклучат уште 20 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени низ целата земја. За денот на изборите од ОБСЕ ќе бидат побарани 300 набљудувачи.
„Важно е да се разбере дека нашата улога е да набљудуваме, а не да се мешаме, нас не не интересира исходот од изборите, туку не интересира самото гласање, неговото броење и табелирање“, вели Аренс.
Тој истакна дека тие одблиску ќе го надгледуваат регистрирањето на кандидатите, гласачите, владините активности и состојбата со медиумите. Аренс вели дека ќе го мониторираат и спроведувањето на измените во Изборниот законик кои се направија по нивна препорака по одржувањето на ланските локални избори.