ГДОМ: Двојазичноста што ја сака Заев е губење намакедонскиот идентитет

Деструктивната политика на Зоран Заев може да ја доведе Македонија до федерализација. Идејата за двојазичност на целата територија од земјава, може сериозно да го доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ и држава. Ова е ставот на Граѓанското Движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) искажан на вчерашната трибина во Прилеп.

Во Прилеп вчера во хотелот „Кристал Палас“ граѓанското движење за одбрана на Македонија – ГДОМ одржа трибина на која говореа Тони Михајлоски, Александар Пандов и Александар Даштевски.

Според Пандов, повод за трибината е изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев за двојазичност на целата територија на Македонија.

– Иницијална каписла за трибината се последните изјави во низ на претседателот на СДСМ Зоран Заев околу тоа што сака двојазичноста да биде наметната на целата територија. Должни сме да појаснеме што значат таа двојазичност и политиките што ги води СДСМ. Нивната порака е повторно поделба на Македонија, нејзина федерализација, губење на македонскиот идентитет, или како што тие најавуваат, втор Охридски договор. Ние сме против тоа и сметаме дека на најдемократски начин и преку искажување на нашите ставови, а подоцна на 11 декември со пенкало во рацете, може да се спречат сите тие политики, изјави Пандов.

pandov-prilep

Даштевски нагласи дека Граѓанското движење ќе се појави секогаш кога е потребно за одбрана на Македонија.
– Сметам дека е вистинско време да реагираме зашто оваа недела Зоран Заев се обиде да го редефинира Охридскиот рамковен договор кое е завршено прашање и ќе предизвика тензии. Охридскиот рамковен договор ги надминува меѓународните стандарди за почитување на човековите права и за употребата, пред се, на јазикот. Тоа го сметаме за затворено прашање и ова што го прави сега Заев е повторно отворање на едно прашање кое е затворено. Во спротивно се заоструваат меѓуетничките односи што пак може да создаде конфликт. Таму каде што треба двојазичност веќе има, изјави Даштевски.
ГДОМ најави дека ќе одржи трибини и во другите поголеми градови во земјава.