Британската премиерка Тереза Меј денеска ја демантираше изјавата на министерот за надворешни работи Борис Џонсон дека Велика Британија ќе покрене формални преговори за Брегзит на почетокот од идната година.
Портпаролот на британската премиерка за „Фајненшл тајмс“ изјави дека одлуката кога ќе се покрене Брегзит ја носи Меј, а не министрите.
– Ставот на Владата е јасен. Премиерката изјави дека нема да го активира член 50 пред крајот на годината. На крај, тоа е нејзина одлука, истакна портпаролот.
Меј исто така ги отфрли наводите на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека Велика Британија „многу веројатно“ ќе биде подготвена да ги почне преговорите за излез од ЕУ во јануари или февруари следната година.