Обновливите извори како иднина на Македонија

извори

Вера Ставроф, заменик претседавач со одборот на директори на Македонија 2025, оцени дека ова е одличен форум да се претстави Македонија пред меѓународната заедница. На форумот посветен на обновлива енергија има 300 делегати од 25 земји во светот.

– Македонија има исклучителни можности во секторот на обновливите извори на енергија. Но, се уште има долг пат за одење. Има многу сончеви денови, има потенцијал на соларна енергија и енергија на ветер и тоа се идните логични чекори за развој, истакна Ставроф.

Таа додаде дека Македонија има исклучителен потенцијал во повеќе сектори, меѓу кои и органското земјоделство.

Порача дека македонските компании треба да се сконцентрираат да обезбедат најдобри производи и со стандарди над светските кои откако ќе ги произведат треба да ги претстават пред целиот свет.

Гурудут Банавар, шеф на одделот за наука и заменик-претседател на ИБМ, посочи дека високата технологија го менува светот и оти таа треба да биде искористена  и од владите и од локалните стопанства.

Неговото искуство, како што рече, во Индија и Бразил покажува дека бизнисите се адаптираат на новите технологии и оти тоа им го сменило начинот на кој работат.

– Секогаш кога имало нова технологија имало голем економски и општествен ефект. Фирмите наоѓаат нови начини да стигнат до своите клиенти, нови начини до нови микро сегменти и се тоа преку користење нови сегменти, рече Банавар.

Додаде дека поради големата поврзаност во светот сега е многу лесно технологијата да дојде во Македонија и таа што ќе се развие во Македонија да се рашири во светот.

За Франческо Одоне, независен консултант во Европскиот проект за паметни градови и поранешен заменик градоначалник на Џенова, Италија, форумот е насочен кон иднината и порача дека треба градовите да се префрлат кон паметен начин на делување.

Според него, главен е транспортот односно мобилноста. – Едниот начин е примена на електрични возила. Потоа да се направи поедноставен проток на автомобилите низ градот, а најдобра алтернатива е луѓето да го користат јавниот превоз или доколку нема географски пречки да користат велосипеди, што е добро и за здравјето и за намалување на загаденоста, истакна Одоне и додаде дека покрај транспортот важна е и енергетската ефикасност на објектите.

Посочи дека тоа е едно од најголемите прашања за градовите бидејќи старите згради не се енергетски ефикасни и треба да се реновираат, што бара време, но нуди и отворање нови работни места.

Михаел Клоцек од Хитачи, исто така, потенцира дека употребата на електричните возила е добро за градовите бидејќи имаат нула емисии, меѓутоа, како што рече, во нивното производство се користи струја која доаѓа од фосилни горива.

Порачува дека е важно градовите да посветат внимание на сообраќајниот метеж и да воведат некои шеми како возење заедно во едно возило, како еден од првите чекори што треба да се преземат.

Еден од најтешките проблеми, како што рече, со кој се соочуваат многу од земјите од Средна и Источна Европа се старите автомобили.

Ова е петти самит на Македонија 2025, кој почна вчера во Скопје.