Агенцијата за туризам при промоцијата на туристичката понуда на Македонија во Данска се фокусираше на природните убавини на земјава, вклучувајќи ги и спортските активности и гастрономијата, кои беа дополнително промовирани пред публиката од Данска.
Претставници на Агенцијата за туризам во соработка со економскиот промотор на Македонија во Данска, Мирјана Наумоска, на саемот во Копенхаген остварија состаноци со Асоцијацијата на Дански тур оператори и тур операторите Викторс Фармор, Албатрос Травел, Атлантис Рејсер како и познатите весници Копенхаген Пост и Борсен. Данска како скандинавско нордиска земја е финансиски стабилен пазар кој е во потрага по нови, неоткриени дестинации.
– Интересот за Македонија од страна на данските туроператори е неверојатно голем, па некои од нив уште во 2017та ќе ја вклучат нашата земја во нивната понуда, изјави Наумоска.
Како што е наведено во соопштението од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, данците користат пет до седум недели на одмор во текот на годината, а патуваат три до четири пати годишно, каде во просек трошат по 1.300 евра, со што се вбројуваат во една од нациите кои се најголеми потрошувачи кога е во прашање патувањето.
Преференците на Данците за сонце и спортски активности ја прави Македонија атрактивна дестинација за одмор која може да им понуди уникатни искуства, се додава во соопштението од Агенција за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.