Во продолжение на текстот информирајте се за законските одредби кои треба да ги исполнат сите возачи за управување на возила во зимски услови.
Што се подразбира под зимска опрема во возилата?
Под зимска опрема за моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 kg, се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 х 4), подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри (4 mm). Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.
Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 kg, подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и: – прирачен алат – лопата.
Казни за непочитување на законот
Доколку не се почитуваат правилата за користење и носење зимска опрема во возилата, кои се предвидени во Законот за безбедност на патниот сообраќај, согласно истиот, на секој возач кој постапува спротивно на одредбите, ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.
Полициски службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на зимската опрема на возилото.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, апелира до возачите, да направат зимска проверка и подготовка на своето возило, навремено да ја обезбедат потребната зимска опрема, и истата секогаш да ја носат во своето возило и правилно да ја користат, бидејки само на тој начин, ќе си овозможите услови за безбедно управување со своето возило и непречено ќе пристигнете на саканата дестинација.