Децата кои живеаат со радијација: Никогаш не биле надвор

Секое трето дете кое живее во област околу Фукушима има аномалии на штитната жлезда. Иако растат во домови со затворени прозорци, во затворени игралишта и училишта, а нивните родители им купуваат храна одгледувана далеку од Фукушима, децата се најранливата категорија на граѓани. Во градот Коријам, оддачен околу 55 километри од нуклеарната централа, до минатата година, деца помали од две години смееа да бидат надвор помалку од петнаесет  минути, а до пет години само половина час на отворено.

Во Коријам во 2012 година е изградена градинка со затворено игралиште, а ако децата случајно излезат надвор, пред да влезат внатре мора да се пресоблечат. Некои мајки дури велат дека нивните деца, родени по кризата, никогаш не си играле на отворено. Родителите дури побарале нивните  деца да се евакуираат од градот, но судот ги одбил велејќи дека нивото на радијација не е толку опасно, додавајќи дека кој сака може слободно да го напушти градот.

 Интернат за децата

„Радијацијата не боли, не ни чеша. Но, ужасни работи се случуваат, а луѓето тоа воопшто не ни го приметуваат“, рекол доктор Сугеноја.  Затоа тој предлага да се изгради интернат за децата надвор од опасните подрачја и тие да бидат таму, со тоа што ќе плаќаат соби и воспитувачи, но не и школарина.  Го нарекува „Проект Мучумото“ и смета дека е одличен за здравјето на децата во тој реон кои постојано се изложени на опасните влијанија на радијацијата.

Земјината оска по земјотресот се поместила за 10 до 25 сентиметри од својата положба.

Земјотрес, цунами и нуклеарна хаварија на  11 март 2011 година однесоа речиси 19.000 животи во Јапонија и потполно ја опустошија околината. Тоа беше најсилниот  и најкатастрофалниот земјотрес кој  ја погодил Јапонија и еден од петте најсилни во историјата на светот. Цунамито кое ја погоди Фукушима по земјотресот достигна висина од 40 метри, а водата продре и до 10 километри од крајбрежјето.

Од силниот потрес се исклучија дури 11 нуклеарни ректори на подрачјето на Јапонија. Нејтешко беа погодени реакторите Фукушима I и II. Во Фукушима I, која е најблиску до епицентарот беше најстрашно, бидејќи експертите сметаат дека во атмосферата има радијација која е една шестина од онаа во Чернобил. Поради тоа населението во круг од 30 километри од електраната е евакуирано, а подрачјето од 20 километри е прогласено за забранета зона.

Многу жители од областа Фукушима исплашени од радијација веќе си заминаа. Според проценките, 150.000 луѓе пронашле нов, побезбеден дом.