Почна пријавувањето на дијаспората за гласање на предвремените парламентарни избори

Дипломатските претставништва на Репулика Македонија низ светот почнаа да ги примаат пријавите на македонските државјани за гласање на предвремените парламентарни избори во април. Рокот за пријавување за гласање е до крајот на март.

Горан Трајков, вицеконзул во Њујорк,за МИА вели дека граѓаните кои веќе се пријавиле за гласање на претседателските избори, ќе треба повторно да се пријават.

„За пријавување на гласањето, потребно е граѓаните да ја пополнат пријавата за гласање, која можат да ја добијат во дипломатско-конзуларните претставништва или на интернет страницата на Државната изборна комисија, и да достават копија од нивниот македонски биометриски пасош, и од документ кој ќе покаже основ за престој во странство, како што е странска виза, зелена карта, или копија од странски пасош, доколку се и странски државјани. Овие документи потребно е да се достават до дипломатските претставништва, или преку интернет пошта до Државната изборна комисија“, вели Трајков. Образецот 30 гс за гласање на предвремените парламентарни избори може да се најде на интернет страницата на ДИК – http://www.sec.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=249:obrasci-parlamentarni-2014&catid=48&Itemid=1305&lang=mk.

За гласање на претседателските избори се пријавија вкупно 8.311 македонски државјани кои живеат во странство. На парламентарните избори, дијаспората ќе избира тројца пратеници од трите изборни единици надвор од границите на Република Македонија. Македонските граѓани во странство ќе гласаат еден ден пред изборите во Македонија – за претседател ќе се гласа на 12 април, а парламентарните избори, и евентуалниот втор круг претседателски избори, ќе се одржат на 26 април.