Изложба „Париз те сакам“ во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам ќе се отвори изложбата „Париз, те сакам“, утре (понеделник) во 13 часот .

Изложбата „Париз те сакам“ во репрезентативниот простор на Чифте амам е организирана по повод Светскиот ден на франкофонијата и со себе носи уште една придобивка повеќе во насока на продлабочување на искреното пријателство на македонскиот и францускиот народ.

На изложбата се претставени делата на 41 македонски уметник, кои со поддршка на Министерството за култура на РМ во текот на изминатите години имаа можност да остварат двомесечен студиски престој во „Меѓународниот град на уметностите“ во Париз, светската метропола на уметноста.

Министерството за култура на Република Македонија, почнувајќи од 2002 година, досега овозможи претставување на повеќе од 100 уметници кои остварија размена на искуства со уметниците од Франција, како и од другите држави, имаа можност за контакти и посети на институциите од областа на културата во Париз, како и договарање на соработка со соодветни галериии.

Република Македонија од 2006 година е официјално членка на меѓународната организација на Франкофонијата каде преку бројни активности доследно ги промовира и афирмира вредностите на франкофонските земји и дава свој придонес во остварувањето и развивањето на дијалогот меѓу културите.

Изложбата е иницирана од Министерството за култура на РМ, а е во организација на Националната галерија на Македонија.

Изложбата ќе ја отворат г-ѓа Елизабета Канчевска – Милевска, министер за култура на РМ и г-ѓа Лоренс Оер амбасадот на Република Франција во Република МАкедонија.