Во манастирот „Свети Јован Претеча“ во демирхисарското село Слепче, во неделата за нов светец беше канонизиран севети Кипријан Слепченски, со што започнаа свечените активности за одбележување на 50 години од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Со службата чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на останатите митрополити и епископи на МПЦ – ОА, како и архимандрити, чесното свештенсатво и ѓаконство на помесната црква.
„Се поклонуваме пред големата, пред незаменливата жртва што може да ја направи еден човек на Земјата. Денешниот славеник Кипријан, но и други што ги спомнува светата црква се сведоштво за тоа и ние треба да благодариме на Бога што и од нашата земја и од нашиот род, и по нашата земја и меѓу нашиот род живееле такви личности кои своите животи ги дале за вечниот живот“, истакна меѓудругото Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Одлуката на Светиот Архиерејски Синод со која свети Кипријан Слепченски се запишува во списокот на светите беше соопштена во текот на Светата литургија, а сите посетители имаа можност да се поклонат на иконата на свети Кипријан, миропомазување и да добијат икона од светителот.
Канонизацијата на свети Кипријан, кој на 30 април 1780 година маченички пострадал за православната вера, е првата свечена активност во програмата за одбележување возобновувањето на автокефалноста на македонскаа православна црква
За време на литургијата митрополитот на Повардарската епархија Агатангел повика на единство и на сплотување на македонскиот народ.
„Ве моли Црквата да се соединиме и заеднички да настапиме и злото кое е навлезено во Црквата и во државата да го тргнеме“, порача владиката Агатангел. Ги повика посетителите и граѓаните да дојдат во Слепченскиот манастир да ги видат и да се поклонат пред моштите и на иконата на свети Кипријан Слепченски.
Митрополитот на Преспанско-пелагониската епархија Петар, пак, зборуваше за жените мироносици и светите жени заслужни за православната вера и црква, посочувајќи дека во Македонија жените се тие што одиграле важна улога во одржување на православната вера.
„Во времето на комунизмот многумина велеа црквата наша не е машка, женска е зашто жените тогаш ја одржаа нашата вера. И сега е така, имаме повеќе жени, монахињи отколку што имаме во црквата мажи“, рече владиката Петар.
Во чест на Светиот, во манастирската црква „Свети Јован Претеча“ беше поставен камен темелник на нов конак со параклис, а црковни песни пееја црковните хорови „Св. Агатангел Битолски“, „Св. Нектариј Битолски“ и „Св. Ахил Преспански“.
Свети Кипријан Слепченски, маченички пострадал во 1780 година кога на Велики четврток бил нападнат манастирот. Според богослужбени текстови тој бил горен со оган кој бил запален од манастирските свеќи, се со цел бавно да страда, за на тој начин да се поколеба во верата и да се откаже од Христа. Свети Кипријан покажал цврста вера и натчовечко трпение, и како што е опеано во богослужбата, ни најмалку не се поколебал во верата ниту кога бил удиран од мачителите, ниту, кога бил горен од пламенот на свеќите. Сето тоа смело го поднел, знаејќи дека за привремените страдања на небесата го очекува вечен и нераспадлив светителски венец.
МПЦ-ОА во рамките на свеченостите посветени на јубилејот 50 години афтокефалност, покрај денешната канонизација на Игуменот Кипријан Слепченски, ќе приреди уште две канонизации, и тоа на епископот велички светиот Гаврил и на архимандритот Ракотински.