Институциите да не приведуваат недолжни луѓе без никаква основа брзајќи да покажат некаков резултат во врска со настаните во четвртокот во Собранието, бара партијата ВМРО-ДПМНЕ, и истовремено го предупредува министерот за внатрешни работи Агим Нухиу да не врши притисок на вработените во министерството по секоја цена неосновано да апсат што повеќе луѓе со цел да добие политички поени во неговата партија и електорат.
„Само еден невин уапсен е голем преседан за кој ќе се бара одговорност, доколку се докаже дека бил приведен без основ и докази“, се порачува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од вторникот.
Од партијата којашто ја има најголемата пратеничка група во Собранието, ја информираат јавноста дека во понеделникот добиле информации дека се приведени голем број лица кои не сториле никакво насилство или кривично дело, а полицијата ги привела, ги држела со часови во полициска станица, а дел од нив добиле и притвор без елементарен доказ дека сториле кривично дело или насилство.
„Треба да се разграничи неколкучасовно влегување на граѓани во парламентот, во народниот парламент, поради насобран револт и гнев од предавничките, антидржавни и кукавички политики на СДС, од нанесувањето тешки телесни повреди“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство треба да се свесни дека за да некого приведат или за да го изнесат пред суд, треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело.
„Исто така, ОЈО и судовите не смеат да имаат различни аршини за овие настани од настаните при насилствата врз полицијата направени од шарените платени протестанти минатата година, кои за пари протестираа и вршеа насилство врз македонските полицајци“, се вели во соопштението.
ВРМО-ДПМНЕ, како што се додава, добиле информации дека на некои лица им бил одреден и притвори, само поради наводни вербални деликти, а без извршено физичко насилство.
Поради тоа апелираат до судот се внимава при носењето на одлуките, и да се придржува исклучиво до фактите и доказите, а судиите да не бидат понесени од партиската наклонетост кон едните или кон другите.
„Потсетуваме дека предизвикувач на овој народен бунт е токму СДС, партија којашто не само што 60 дена ги игнорираше граѓаните кои масовно, упорно, мирно и демократски протестираа, туку и континуирано ги провоцираше со навреди, погрдни зборови, омаловажувања и, конечно, со незаконскиот и противуставен обид за избор на претседател на парламентот“, велат уште од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава и дека оваа партија континуирано јавно предупредувала на ризиците од ваквиот однос на СДСМ и „изборната измама со постизборното носење на Тиранската платформа како основа на новата коалиција“.