ЛШ: Монако во лов на чудо, но Јуве никогаш не бил елиминиран од Французи

Само два клуба во историјата на фудбалската Лига на шампионите во фазата на елиминации го надоместиле домашниот пораз и минале натаму, амстердамски Ајкас и милански Интер. Прашањето е дали Монако може да стание третиот клуб кому тоа му пошло од рака откако во првиот полуфинален меч загуби од Јувентус со 0:2, а одговорот ќе го дознаеме во вторник вечер кога се игра вториот меч од дуелот во Торино.

„Пред нас е извонедно тешка задача, меѓутоа мораме да останеме позитивни. Ќе ја играме својата игра. Доколку први постигнеме гол на мечот, којзнае…“, вели тренерт на Монако, португалскиот стратег Леонарду Жардим.

Досега само два клуба ги надоместија домашните порази во првите средби од фазите на елиминација, Ајакс и Интер. Холандскиот шампион во 1996 година дома загуби од грчкиот Панатинаикос со 0:1, но во Атина славеше со 3:0 и се избори за финалето во коешто загуби од Јувентус. Интер во 2011 година во првиот меч од осминафиналето на својот „Сан Сиро“ загуби од минхенски Баерн со 0:1, но во реваншот на гостинскиот терен победи 3:2, но потоа беа елиминирани од Шалке.

Дополнителен проблем за Монако претставува фактот дека никогаш не славел победа во Италија. На седумте гостувања доживеал шест порази и само едно реми.

Сепак, во редовите на италијанскиот шампион се свесни на предноста којашто ја имаат од првиот меч но и претпазливи. Стратегот Масимилијано Алегри смета дека би било „погубно“ кога неговиот тим би се опуштил. За него Монако е „голема екипа, преполна со талентирани играчи“, но додава дека „Старата дама“ мора да победи и во реваншот.

Јувентус во својата историја единаесет пати играл против француски клубови во елиминациската фаза и секогаш одел натаму. Против Монако играл двапати, во полуфиналето 1998 и во четвртфиналето во 2015 година и двата пати беше поуспешен. Во тие четири натпревари не изгуби ниеден, а примил само еден гол. Интересно е што и двата пати кога тимот од Торино го елиминираше тимот од Кнежевството, играше во финалето и го загуби. Првото од Реал Мадрид, а второто од Барселона.

Оваа сезона Јувентус во Лигата на шампионите во 11 натпревари прими само два гола, и тоа двата во групната фаза. Во петте мечеви од елиминациската фаза не прими гол. Мрежата на Џанлуиџи Буфон ја погодија Корентин Толисо во средбата против Лион (1:1) и Николас Пареха во победата против Севилја (3:1).

Јувентус го бара деветтото финале во Лигата (поранешниот Куп) на шампионите, а досега ја понесе титулата двапати, во 1985 и 1996 година, додека Монако се надева на својот втор пласман во финалето откако во досега единственото беше поразен во 2004.