Премиерот Зоран Заев вчера престојуваше во Струмица, за да го одбележи почетокот на работата на американската фабрика „Адиент“, меѓутоа поранешниот премиер Никола Груевски го потсети дека проектот е започнат во времето на неговата влада којашто ја донесе инвестицијата, а не социјалдеморкатскиот поранешен градоначалник на Струмица.
„Токму затоа еден од столбовите на ВМРО-ДПМНЕ беше поддршка на домашното стопанство и привлекување на странски инвестиции за додатно забрзување на општиот економски развој. Ова е реален проект кој постои, а не празни ветувања какви струмичани можеа да се изнаслушаат од неодговорни политичари. Покажавме дека единствени си стоиме на зборот, единствени ветуваме реално, реализираме и полагаме отчет пред народот”, истакна Никола Груевски.
Зоран Заев признава дека тој не го почнал проектот, но дека го поддржал додека беше градоначалник на Струмица.
„Проектот го почна претходната влада, како градоначалник тогаш дадов поддршка на овој проект и го поздравив. Еве, денеска ја имам честа да присуствувам на неговото свечено отворање, да го поздравам да ја понудам целосната поддршка моја и на новата влада во нејзината перспектива која што проектира овде за струмичкиот регион и за нашата Македонија”, посочи Заев.
Инвестицијата за фабриката беше најавена во 2015 година, а изградбата започна во 2016 година. Во неа се очекува да се вработат над 800 лица. Во втората фаза на инвестицијата според компанијата „Адиент“ се очекуваат дополнителни 500 работни места. Во нејзините хали ќе се произведуваат седишта за автомобили. Компанијата има свој погон и во Штип во кој работат 1.500 лица.