Иран во понеделникот му честиташе на Ирак на победата којашто ја објави над ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава во вториот по големина ирачки град Мосул и понуди помош во обновувањето на повеќе разурнати градови од кои се протерани сунитските џихдисти.
„Честитки до народот и владата на Ирак за ослободувањето на Мосул. Кога Ирачаните ќе ги обеднат силите нема нешто што не можат да го постигнат“, напиша на Twitter иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф.
Како што пренесува иранската новинска агенција IRNA „владата, оружените сили и народот на Иран се подготвени во Ирак да им помогнат на раселените и ранетите, како и да учествуваат во обновувањето на градовите и инфраструктурата“.
Пред Мосул, ирачките сили ги ослободија од сунитските џихадисти и поголемите и важни градови Тикрит, Рамади и Фалуџа.
Во неделата ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади лично пристигна во Мосул и им честиташе на војнциите на „големата победа“.
Борбите, меѓутоа, и натаму се водат во некои делови од древното градско јадро Стариот град во Мосул, западно од реката Тигрис која го дели градот на два дела, каде што ирачките сили ја преземаат контролата над преостанатите делови од некогаш главното упориште на Исламската држава во Ирак.
Терористичката Исламска држава го зазема Мосул во јуни 2014 година и од таму го прогласи својот ткн калифат на големите територии кои ги освои со ненадејната офанзива во Ирак и во Сирија.
Битката за Мосул започна на 16 октомври 2016 година, и борбите со текот на времето се интензивираа додека ирачките сили се приближуваа до центарот на градот. Во копненото настапување кон Мосул ирачките безбедносни сили ја имаа поддршката од шиитските доброволечки милиции, локалните милиции на арапските сунитски племиња, како и од борците „пешмерга“ на ирачките Курди. Додека воздушна поддршка имаа од меѓународната коалиција предводена од САД.