Попова: Владата на СДСМ го скрати буџетот за студенстските домови за 155 милиони денари

Антиреформската Влада предводена од СДСМ наместо развој носи назадување во сите општествени сфери, а особено на образованието и по само еден месец на власт, Зоран Заев и Рената Дескоска одлучија да скратат буџетот наменет за образование за 1,5 милијарди денари, рече Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа потсети дека владите што ги предводеше ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година до оваа во континуитет го зголемувале буџетот за образование, за од некогашните 13 милијарди денари во време на СДСМ, да се дојде на годинешните 25 милијарди денари.

„Овие средства кои подеднакво се инвестираа за развој на сите образовни сегменти, сега се кастрат по сите основи. Граѓаните треба да знаат дека СДС и Заев со ребаланс на буџетот скратија пари за изградба на основни училишта, за средни училишта, за спортски сали, за опремување на училници, за изградба на факултетски објекти, за поддршка на Универзитети, и за многу други суштински работи“, рече Попова.

Оцени дека крајно лицемерие е пред избори да бидат ветувани нови студентски домови и реконструкција на постојните, а кога ќе се седе во Владата од буџетот за изградба и реконструкција на студентските домови да скратиш цели 155 милиони денари.

„Безобразно е да ветуваш грижа за идните поколенија, а од позиција на власт од Буџетот да скратиш 116 милиони денари за изградба на спортски сали во основните и средните училишта. Недозволиво е за време на избори да зборуваш дека е потребна изградба и реконструкција на училишта, а сега од позиција да кратиш 55 милиони денари за истите. СДС крати дури 237 милиони денари кои беа обезбедени за опремување на училиштата со современи интерактивни училници“, прецизираше Попова.

Потсети дека Заев ги измамил и гласачите од албанско етничко потекло кога пред избори да им ветувал сé, а сега како премиер скусил милиони наменети за Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.

„Врв на лицемерие е кога пред избори ветуваш подобро високо образование и повеќе средства за наука, а еден месец откако ќе седнеш во влада да кратиш цели 213 милиони денари планирани за Универзитетот во Тетово, за Охридскиот универзитет ‘Св. Апостол Павле’, за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при скопскиот универзитет ‘Св. Кирил и Методиј’ и за научните институти. Срамно е да ветуваш квалитетно високо образование во време на избори, а кога си на власт да кратиш цели 35 милиони денари наменети за превод на современа стручна литература од светски познати автори“, додаде Попова и констатираше дека за СДСМ граѓаните и државата имаат второстепено значење зад личниот комодитет на нивните функционери.