Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува задржувањето на четворицата граѓански активисти од страна на припадниците на полицијата за време на одржувањето на презентацијата на воена опрема на војската на САД и АРМ во саботата на 29.07.2017 година во центарот на Скопје, соопштија од Хелшински.
Четири членови на Левица излегоа на мирен протест против насилство и милитаризација, откако претходно беше најавна презентација на воена опрема на САД. Тие беа лишени од слобода, единствено поради тоа што кај ГТЦ сакале да истакнат транспарент „Против војната за профити!”.
Од Хелшински посочуваат дека попречувањето на правото на мирен протест, како и противзаконитото задржување преку примена на средства за врзување (лисици) претставуваат дејствија со кои во конкретниот случај овластените полициски службеници сториле флагрантно кршење на Уставот, Законот за јавни собири, Законот за полицијата, Правилникот за вршење на полициските работи и релевантните меѓународни стандарди.
Хелсиншкиот комитет за човекови права покрена постапка заради утврдување на околностите во случајот, при што препорача преземање на конкретни мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за утврдување на одговорност на инволвираните полициски службеници, кои според мислењето на Хелсиншкиот комитет, без основ примениле средства за присилба. Дополнително, од страна на надлежните структури во МВР беше побарано да се преземат неопходните мерки и активности и да дејствуваат на линија на воспоставените законски и универзални меѓународни стандарди на полициско постапување. Дописот беше доставен и до Министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, како и до директорот на Бирото за јавна безбедност и до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, стои во соопштението на Хелшински комитет.
Оттаму го повикаа Министерството за внатрешни работи сериозно да пристапи кон разрешување на случајот и да ја утврди одговорноста на полициските службеници инволвирани во настанот.
Притоа, нужно мора да постои сериозна и вистинска воља да се смени културата на пресија која ја негуваше полицијата во изминатиот период, а која беше насочена кон секој оној што има спротивставено мислење од она на власта. Во таа смисла, реформирањето и професионализацијата на сите полициски структури, вклучително и на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди треба да претставува императив без чиешто остварување не може да се замисли каква била суштинска реформа на системот во насока на воспоставување на владеење на правото и целосно почитување на темелните слободи и права, се вели во соопштението.