Спорот околу името со Грција сигурно нема да го решам сам. Тоа може да се реши само со државен консензус меѓу сите политички чинители затоа што со референдум не може ниту едно решение да помине со 900 илјади гласови. Без единство тоа не е можно, рече претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски на вечерашниот митинг во Гевгелија.
Додаде дека трите области на кои ќе ја насочи својата енергија доколку граѓаните му ја дадат поддршката се економијата, демографијата и човечките права и слободи.
„Според економските параметри сме најголема мизерија во регионот и Европа. Поради тоа иселувањето на младите луѓе е во пораст и државата се празни“, рече Пендаровски додавајќи дека ќе работи тоа да се промени.
Со потценетиот труд на земјоделците, рече тој, овој крај е целосно маргинилизиран од сегашната партија на власт поради што има и најголема стапка на иселување на младите, а заради тоа веројатно е и опозиционерски расположен.
„Ве повикувам да не се плашите дека ќе ви ги скратат субвенциите и ова што ви следува и да бидете тоа што сте, затоа што наскоро ќе има нова власт во Скопје“, им порача Пендаровски на гевгеличани.
Мојата стратешка цел во претседателскиот мандат, рече Пендаровски, ќе биде департизацијата на државата затоа што, како што истакна, сегашниот степен на партизација ги поткопува институциите на државата.
„Срамота е и за најмала работа да се бара партиска книшка и затоа ве повикувам на 13 и на 27 април да донесеме нови луѓе за нов почеток на Република Македонија“, рече Пендаровски пред гевгеличани.
Пендаровски денеска имаше средби со граѓаните во Дојран, Валандово и во Богданци.