Мицкоски: Скандалозни се одлуките на СДСМ за посегање по девизните резерви и намалувањето на пензиите

Скандалозно е тоа што за само два месеца владата педводена од СДСМ ги намали девизните резерви за 170 милиони евра, а истовремено манипулира и со чувствата на пензионерите на коишто им ги укинува зголемувањето на пензионерите, рече во петокот генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во централниот дневник на Сител телевизија

„СДСМ вели дека го намалиле долгот за 31 милион евра. Ако влезете на веб страницата на Министерството за финансии и го погледнете извештајот за вториот квартал од 2017 година и истиот го споредите со првиот квартал, ќе забележите дека навистина изнасува 31 милион евра, но каде е тука разликата? Имаме во јули и првата половина на август нето задолжувањето, односно задолжувањето и раздолжувањето е многу поголемо од оваа бројка од 31 милион евра“, истакна Мицкоски.

„Но тоа не е сѐ. Каде СДСМ не е чесен пред граѓаните? Ако влезете во податоците кои ги објавува Народната банка, тогаш ќе видите дека девизните резерви на Република Македонија споредено 31 јули и 31 мај се од салдо 366,3 милиони евра намалени на 189,3 милиони евра, цели 177 милиони евра недостигаа за нецели два месеца. Тоа е скандалозно, нечесно кон граѓаните. Нечесно е да се излегува со тези во јавноста дека е намален долгот, кога апсолутната бројка на тој долг не само што е зголемена, туку ако таа се претвори во проценти е повеќе од 3 проценти од вкупниот долг“, појасни Мицкоски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на намалувањето на покачувањето на пензиите. Мицкоски рече дека законска обврска на секоја влада е да ја зголемува пензијата доколку растат трошоците, тоа го правеле и двете влади, но за разлика од сегашната, претходната секоја година ја покачуваше пензијата за 600 до 650 денари линеарно.

„Денеска гледаме изјава од соодветниот министер којшто вели, ние ќе ја зголемиме пензијата во вкупен износ годишно од 2.300 или 2.400, карикирам со бројката. Ако 600 денари ги помножиме со 12, тоа се 7.200, тоа неколкупати повеќе од 2.300 денари, дали е доволно, нека проценат 300.000 пензионери кои што претходно имаа можност два пати годишно да добијат зголемување не пензиите и ова што сега се случува и не убедува надлежниот министер дека е успех во работењето“, рече Мицкоски.

Додаде дека тоа за него било очекувано, бидејќи премиерот Зоран Заев тоа и го најавувал.

„Ние и тогаш алармиравме, рековме дека нема да има зголемување на пензиите и јас лично го кажав тоа во едно интервју, што еве само неколку месеци подоцна се потврдува. Дали е тоа добро, секако дека не е добро. Секако дека тоа се луѓе што го поминуваа најубавиот период од својот живот, тоа се пензионерските денови, дали 600 денари месечно преточено во годишна сума е доволно, секако дека не е, можби треба повеќе, но е апсолутно повеќе него ли ова што сега се случува, грубо манипулирање со емоциите у чувствата на луѓето и играње со нивниот стандард во најубавиот период од нивниот живот“, рече Мицкоски.