Колариќ: Кандидати за градоначалници ќе бидат луѓе кои уживаат авторитет, дигнитет, чесност и одговорност во своите општини

Во текот на синоќешната емисија „Од наш агол“ на националната македонска телевизија МРТ1, гостуваше Светлана Колариќ, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Колариќ истакна дека сега за сега се најавени само пет кандидати за градоначалници, а во наредниот период ќе се знае кои други кандидати ќе влезат во трка за престојните локалните избори кои треба да се одржат на 15-ти октомври.

ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период ги обелодени имињата на пет кандидати за градоначалници, г-динот Марјан Бајрактаров за општина Струмица, г-динот Зоран Ѓоргиевски, кој што пред четири години се бореше да биде кандидат за градоначалник на општина Куманово, Тони Затковски кој што е актуелен градоначалник во општина Кривогаштани, Борче Митревски исто така актуелен градоначалник во општина Петровец и Славо Чадиев актуелен градоначалник во општина Велес, рече Колариќ.

На новинарското прашање, за тоа на каков начин се избираат кандидати кои ќе ја претставуваат партијата, Колариќ потенцираше:

ВМРО-ДПМНЕ, ако погледнеме и наназад од 2006 година па наваму, може и основно начело коешто не’ прави поразлични од другите е начелото на транспарентност и отчетност. Ние уште во 2016 година во месец август објавивме оглас односно јавен повик за сите оние граѓани на Република Македонија кои сакаат да бидат кандидати за градоначалници. Притоа имавме во предвид дека тука можат да се пријават граѓани коишто се членови на ВМРО-ДПМНЕ, но, исто така се дава можност и на граѓани коишто не се членови на ВМРО-ДПМНЕ, а не се членови на ниту една друга политичка партија, а сепак ќе ја поддржуваат политиката и програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Колариќ истакна дека при изборот на кандидати за градоначалници внатре во партијата се формиле специјални тимови кои имале за цел да ги разгледат сите пристигнати апликации, но пресудно при одреден избор бил авторитетот, чесноста и дигнитетот, професионалниот ангажман и допринос во општината во која што живее, но исто така од големо значење биле и предлог проектите на сите кандидати која пројавила желба за оваа одговорна функција.