Спортско – рекреативен настан под мотото „Трчај, играј, активирај се” ќе се одржи на 6 септември на Кејот на реката Вардар во пресрет на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.
Од Агенцијата за млади и спорт, која го организира настанот ги повикува сите заинтересирани да се пријават и да бидат дел од атлетската трка.
Централна активност на настанот ќе биде рекреативна атлетска трка која ќе почне од каналот на Вардар во општина Карпош (кај карпата за искачување) во 17 часот, а ќе заврши кај Градска плажа во општина Центар.
Заинтересираните треба да пополнат формулар: http://bit.ly/2wRZptc или да се јават на телефон 075-254-734. Повикот за аплицирање за учество на настанот ќе биде отворен до 4 септември до 20 часот.
Секој од учесниците во трката е одговорен за својата физичка подготовеност и здравствена состојба. Во рамки на настанот ќе биде организирана и еколошка акција за чистење на Кејот на Вардар, како и спортски активности: одбојка на песок, кајак, крос фит, искачување на карпа, скејт активности, информираат од Агенцијата за млади и спорт.