Фудбалерите на Франција со уверливи 4:0 ја надиграа Холандија на „Стад де Франс“, а гостите може да бидат среќни што не доживеаја и повисок пораз, како што Гибралтар по гостувањето во Белгија беше испратен со девет голови во мрежата.
Французите ги начнаа Холанѓаните уште во 12 минута кога Антоан Гризамн заврши убава акција. Тоа беше и единствениот гол во првото полувреме, а второто донесе целосен потоп на „лалињата“. Холандија, којашто дотогаш беше принудена на одбрана, во 62 минута остана со играч помалку откако втор жолт картон му беше покажан на Стротман. Тоа беше моментот кога играта на Холандија тотално се распадна, што двапати го искористи Лемар, во 72 и 88 минута, а конечните 4:0 ги постави младиот М’бапе во првата минута од судиското продолжение.
Во истата Група А, важна победа оствари Бугарија којашто по половина век славеше над Шведска, и тоа со 3:2. Швеѓаните во 16 минута не реализираа најстрога казна, двапати фаќаа резултатски приклучок, но за третото израмнување немаа сили.
Најефикасна репрезентација на вечерта беше Белгија којашто „до врв“ ја наполни мрежата на Гибралтар. Белгијците постигнаа девет голови со два „хет-трика“, на Ромелу Лукаку и на Томас Муние. Другите стрелци беа Мертенс, Вител и Азар.
„Хет-трик“ постигна и Кристијано Роналдо во победата од 5:1 на Португалија над Фарските острови. Швајцарија во оваа група го задржа стопроцентниот ефект со победата од 3:0 над Андора и ќе се бори со Португалија за директен пласман за мундијалот следната година во Русија.
Губитници на вечерта се репрезентативците на Босна и Херцеговина кои на гостувањето на Кипар имаа водство од 2:0 по првото полувреме со головите на Шуњич и Вешче. Но а само 11 минути од 65 до 76 минута домашните постигнаа три гола и со пресврт дојдоа до бодовите коишто ги оставаат во игра за второто место. Стрелци за Кипар беа Кристофи, Лабан и Сотириу.