Квалификации за СП 2018: Победи на Србија и Финска, реми на Ирска

Во квалификациите за Светското фудбалско првенство кое ќе се игра во Русија следната 2018 година во саботата во првиот попладневен термин вредни победи остварија селекциите на Финска и Србија.

Финска пред своите навивачи во Тампшере го совлада фаворизираниот Исланд со 1:0, со што ѝ направи голема услуга на Хрватска во обидот да се дојде до местото кое води на мундијалот. Победничкиот гол го постигна Александер Ринг уште во 8 минута од слободен удар од 20-ина метри. Во натпреварот со малку шанси пред двата гола Исланд од 75 минута играше со играч помалку откако црвен картон му беше покажан на Рурик Гисласон.

Во Групата И, Хрватска и Исланд имаат по 13 бодови, но Хрватите вечерва се фаворити пред своите навивачи во дуелот со Косово и може да се издвојат на врвот од табелата. Во оваа група Украина игра дома со Турција, а двете селекции имаат по 11 бодови.

Во Групата Д Србија во Белград ја победи Молдавија со 3:0, а во полза ѝ оди ремито на Ирска, којашто во Грузија одигра 1:1. Водечката Србија има 15 бодови, а ја следи Ирска со 13, додека Велс и Австрија кои играат вечерва, имаат по 8 бодови.

Албанија во нашата група Г како домаќин со 2:0 го совлада Лихтенштајн, но во оваа група Шпанија и Италија се конкуренти за првото место, односно кој ќе оди директно а кој ќе игра квалификации. Дербито се игра во Мадрид каде што Шпанија ја дочекува Италија, а двете репрезентации имаат по 16 бодови, но „фуријата“ има подобра гол-разлика.