Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и здружението „Во мојот свет“ денеска го одбележаа Светскиот ден на аутизмот, редејќи голема сложувалка, симбол на оваа состојба.
Дневниот центар кој неодамна започна со работа нуди вонинституционална заштита на децата и младинците со аутизам, креативно едукативни работилници и развој на социјалните вештини. Центарот има капацитет за згрижување на 15 деца на возраст до 18 години, а постои можност бројката да се зголемува.
„Дневниот центар за аутизам работи како организациски дел на Центарот за социјална работа на Град Скопје. Овој капацитет овозможува една квалитетна грижа за децата со аутизам и индивидуален третман и пристап на секое дете поединечно. Во Дневниот центар за аутизам работат професионалци – логопед, психолог, дефектолог и негувателка. Во моментов Дневниот центар го посетуваат пет деца кои добиваат комплетен третман плус тие дечиња имаме и други кои посетуваат индивидуални третмани. Центарот нуди стручно-консултативна помош за родителите, односно сите развојни потреби и однесувања на нивните деца“, изјави директорката на Центарот за социјална работа на Град Скопје Билјана Јарчевска.
Центарот располага и со сензорна соба во која се спроведува програма за сензорна интеграција која, според искуствата во досегашните работи со вакви деца, давала одлични резултати во нивниот третман.
Дневниот центар за деца со аутизам, кој е прв од ваков вид во Македонија, е сместен во објектот на Заводот за рехабилитација на деца и млади.
Овој Центар го отвори Министерството за труд и социјална политика во соработка со Здружението „Во мојот свет“. Во наредниот период се планира отворње на уште еден ваков центар на територијата на Градот Скопје, како и отворање дневен центар за деца со аутизам во Штип.
Досега МТСП има отворено 24 дневни центри за деца со пречки во менталниот развој, а се планира во иднина таков да се отвори и во Струмица, Валандово и Охрид. Во тек се активности за подготовки на Центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години и нивните семејства во местото на живеење како заедничка иницијатива на МТСП со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ и Градот Скопје.
Се планира и отворање дневен центар на деца со оштетен вид на помала возраст кои не се опфатени со ниту една форма на едукација или рехабилитација.