Изборите се наближуваат, а се уште не чувме конкретно која е позицијата на Пендаровски и СДСМ за проблемот што Атина го има со нашето уставно име и со нашиот идентитет.
Всушност никако да кажат што е она што воопшто им пречи во актуелната македонската црвена линија. Таа гласи: неменување на уставното име и заштита на македонскиот идентитет, јазикот и нацијата, а за секое евентуално решение кое би се применувало само во билатералните односи со Грција, да одлучува исклучиво народот преку референдум, како одговор на грчкото барање за целосно бришење на Република Македонија од секаде, почнувајќи од Уставот. Во кој дел поточно бараат да ја свиткаме кичмата, во кој дел бараат некаков нов државен консензус и во кој дел сметаат дека Груевски треба да попушти, бидејќи тврдат дека тој не сакал решение?
Наместо одговор за тоа која е неговата позиција и како тој би го решил прашањето, единствено што може да се чуе од Пендаровски е постојаното и бесконечно повторување дека сега требало да се формира некаков нов државен консензус за решавање на името.
Но, Пендаровски никако да објасни што нему всушност му пречи во актуелните црвени линии на Владата и зошто за нив не постои консензус од негова страна и од страна на СДСМ.
Ниту неговиот лидер Заев не кажува што точно не му се допаѓа во македонските црвени линии за заштита на уставното име и на македонскиот идентитет, но сепак, лидерот на СДСМ со една невидена државничка одважност, гордо и достоинство, од народот побара да си ја свиткаме кичмата за името. За партијата на чие чело стои тој пак, порача дека не им личело да глумат патриоти.
Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, веројатно најсериозно од сите ја сфати оваа порака, па во пракса покажа како изгледа кога потпретседател на најголема опозициска партија не е патриот. За штетна политика на Грција кон Македонија го обвини Груевски, а за грчки „Еуроактив“ изјави дека македонскиот премиер не сакал да го реши проблемот што Атина го има со нашето уставно име. Но, и таа никако да каже во кој дел Груевски треба да им попушти на Грците за да го реши прашањето или што е она што СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ би го дале како симбол на нивната спремност за виткање кичми ако ја добијат власта?
Непатриотизмот се манифестира со активно чинење, но и со активно нечинење.
Гореспоменатите активно ја критикуваат политиката на македонската влада за името и бараат промени насочени кон виткање на кичмата, но истовремено активно ја премолчуваат максималистичката позиција на грчката влада и тоа во времето кога на нејзино чело стои премиерот со најрадикални и најнационалистички позиции.
Дури и за дел од грчките опозициски партии и експерти позицијата на Грција е нереалистична и максималистичка, но за СДСМ не е, затоа што тие се чини дека ја проблематизираат само македонската црвена линија.
СДСМ сигурно имаат проблем и со пресудата што во наша корист ја донесе меѓународниот суд на правдата во Хаг во постапката против Грција. Во спротивно, немаше активно да ја премолчуваат и потребата од почитување на истата и од барање на решение во нејзини рамки.
И никако да ги чуеме Пендаровски и сопартијците од митинг да му се обратат на македонскиот народ со порака дека за СДСМ не е прифатливо грчкото барање за обезличување и духовно самоубиство на Македонците.
Упорно бегаат од тоа да зборуваат за еден од нашите врвни приоритети бидејќи веројатно мислат дека само со молчење во овој предизборен период и волкот ќе биде сит и овците на број. Не знам за гладните волци, ама Македонците дефинитивно не се овци, па ни стратегијата на премолчување на нивните ставови за името во време на кампањата нема да пројде, зашто народот пред се, нема проблем со меморијата.
И оние малку пораки што ги упатуваат во однос на името се чини дека повеќе се упатени до меѓународната заедница, почнувајќи од јужниот сосед. Но залудно СДСМ се хит и фаворит во Грција, кога нивниот електорат е Македонија, а Македонците никогаш во историјата не ја свиткале кичмата, па нема ниту сега.
Марија Котовска, дописник на Нетпрес од Атина