Aнѓушев го раскина тендерот со МЕПСО за да спаси 230.000 евра

Вицепремиерот Кочо Анѓушев ќе заштеди, но државата ќе плати 233.000 евра. Ова следува откако компанијата на Анѓушев го раскина договорот со МЕПСО, пишува „Курир“.

Фирмата на Анѓушев имала склучен договор за набавка на електрична енергија со МЕПСО во период кога нејзината цена изнесувала 39.65 евра за мегават час, додека сега истата изнесува 60.14 евра за мегават час. За да не претрпи загуба од 233.000 евра, Анѓушев се откажува од тендерот за набавка на струја, па ова е износот кој ќе се плати со парите на граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ се огласија на оваа тема велејќи дека овој износ на пари можело наместо во џепот на Анѓушев, да се искористи во проекти од кои корист ќе имаат сите граѓани.

-Дополнително загрижува фактот што ЕЛЕМ распиша тендер за набавка на електрична енергија во висина од 2 милиони евра, по висока цена, уште еден внесен бизнис кој е можно да заврши во рацете на моќниците на власта. Дали можеби фирмата на Анѓушев утре ќе се јави како добавувач на скапа струја за државната ЕЛЕМ за да прокнижи голема добивка на тендерот во вредност од 2 милиони евра? Ова е огромно лицемерие. Анѓушев заштедува, а државата плаќа. Ова е начинот на кој работи владата на СДС. На ова расипништво мора да му дојде крај. Граѓаните заслужуваат подобро, вели Затуроска.