ВМРО-ДПМНЕ во понделникот преку соопштение истакна дека СДСМ владее како полициска хунта во државава, а не како демократска власт, обвинувајќи ја владата предводена од Зоран Заев дека на криминален начин ги спроведува локалните избори.
„Владата на СДС и Зоран Заев спроведе криминални избори и со тоа остави црна трага и голема дамка во историјата на Македонија. Локалните избори на 15-ти октомври ни најмалку не наликуваа на фер, слободни и демократски избори, а волјата на граѓаните воопшто и не беше испочитувана поради преголемиот притисок и изборниот инжинеринг од страна на Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев. Секој ден сѐ повеќе и повеќе информации ни пристигнуваат за изборни нерегуларности и притисоци. Првпат во историјата на независна Македонија имавме убиство на независен кандидат за советник, во предизборниот период и на денот на гласањето имаше голем број нерегуларности, уцени, поткуп, инциденти, а полицијата наместо да делува во служба на граѓаните и законите, дејствуваше во функција на СДС, Заев и Спасовски“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека на голем број места низ државата бил извршен ткн метод на „бугарски воз“, со што гласачките кутии биле наполнети со однапред заокружени ливчиња за кандидатите за градоначалници и советници од Социјалдемократскиот сојуз.
„’Бугарски воз’ од досега евидентираното е извршен во Карпош, Охрид, Велес, Струмица, Врапчиште, Гостивар, Гевгелија и Берово, сево ова е документирано и внесено во записник. За големиот број на изборните нерегуларности и притисоци спроведени од СДС и Заев постојат и докази. Но, за жал, тие се премолчени и релативизирани од страна на надлежните институции, а особено од ДИК, институцијата која е најодговорна да постапи по овие сериозни докази. Очигледно е дека Зоран Заев и СДС се плашат од слободни избори, бидејќи знаат дека ќе ги загубат, па продолжуваат со криминалното функционирање и вршат изборен поткуп и за време на вториот круг од локалните избори“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека полицајци со поткупувачите делуваат во овие криминални избори.
„Државната изборна комисија, која има за цел да спроведе фер и демократски избори, невладините организации кои го следеа изборниот процес, ОБСЕ и ОДИХР го премолчија овој скандал. Со враќање на правната држава и демократијата во Македонија, СДС и нејзините партиски активисти ќе понесат одговорност за сите видови прекршување на изборните правила“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.