Осомничениот терорист уапсен во Сараево бил шеф на разузнавањето на ИД

Осомничениот за тероризам Мирсад Кандиќ, кого властите на Босна и Херцеговина го откриле и екстрадирале во тајност во САД, бил извонредно опасна личност и еден од клучните луѓе на ултрарадикалната теерористичка сунитска организација Исламска држава (ИД) во којашто бил шеф на разузнавачката служба, изјави во средата во Сараево министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ.

На вонредната прес-конференција, министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ., потврдил дека уапсениот Мирсад Кандиќ во вторникот бил предаден на американското правосудство коешто по него трагало уште до 2014 година, а тврди дека тоа е личност од самиот врв на џихадистичката организација Исламска држава.

„Тој бил шеф на разузнавачката служба на Исламската држава“, изјави Мектиќ додавајќи дека Кандиќ во моментов е еден од најбараните терористи на светот по кој со години безуспешно трагале многу разузнавачки служби ширум светот.

Според достапните информации, Кандиќ е роден на Косово во 1981 година, а со години живеел во САД и поседувал дозвола за постојан престој односно ткн „зелена карта“. На листата по коишто трага американското правосудство се нашол во 2014 година, а две години подоцна по него е издадена меѓународна „црвена потерница“.

При лоцирањето на Кандиќ, според Мектиќ, најзаслужна е Разузнавачко-безбедносната агенција на БиХ (OSA).

Колку станува збор за компликувана операција, го илустрира со податокот дека Кандиќ имал десетина лажни идентитети и лични документи со коишто непречено влегувал и престојувал во земји како Германија, Велика Британија и Турција, а тамошните безбедносни служби не успеале да го откријат.

Во БиХ влегол со фалсификувани исправа на имен Иван Поповиќ, а во земјата се движел под лажниот идентитет на Един Радончиќ. Се обидел да ја заметне трагата, па разузнавачите неколкупати го лоцирале но ги губеле од вид.

На крајот, сепак, бил принајден во изнајмен стан во сараевската населба Грбавица каде што бил уапсен на 4-ти јули и од тогаш бил во екстрадициски притвор според „црвената потерница“ на Интерпол, издадена на барање на правосудството на САД во 2016 година.

Мектиќ тврди дека Кандиќ извршувал најодговорни задачи во операциите на Исламската држава, од регрутирање на терористи преку проверки на лицата кои требало да извршат терористички напади во име на организацијата до изработка на направите за таквите напади.

„Тој бил мозокот на оваа терористичка организација“, рече Мектиќ додавајќи дека допрва ќе следи објавувањето на деталните информации коишто ќе покажат колку Кандиќ бил опасен.

Во БиХ по неговото екстрадирање продолжува истрагата чија цел е да се утврди кои лица биле дел од мрежата којашто му давала поддршка при криењето. Мектиќ истакна дека овој случај е јасен доказ дека БиХ нема да толерира никакви терористички активности, ниту лица поврзани со тероризмот.