Рускиот амбасадор во Србија го оцени „преголемото“ внимание посветено на изјавите на американскиот функционер

Амбасадорот на Руската Федерација во Србија, Александар Чепурин го оцени во неделата како „преголемо“ вниманието коешто српските функционери и медиуми го посветија на неодамнешната посета и особено на изјавите на помошникот на заменикот на американскиот државен секретар Брајан Хојт Ји, дека Србија како кандидат за Европската унија „не може да седи на две столчиња“.

Рускиот амбасадор Александар Чепурин во интервјуто за српската редакција на руската меѓународната агенција Sputnik, заменикот на помошникот на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања Брајан Хојт Ји го нарече „американски пратеник“ и истакна дека се неспоредливи функциите коишто ги извршува Ји и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

„Ги гледам фотографиите кои се објавени во весниците. Од една страна Лавров, од другата американскиот претставник… Јасна е разликата – Лавров е министер за надворешни работи, а гостинот кој допатувал во Србија е 75-ти заменик на 24-от помошник на заменикот на министерот за надворешни работи. Тоа се различни нивоа, и тоа не може да се споредува“, вели Чепурин.

Кон крајот на октомври во Белград Американецот Хојт Ји порача дека земјите, во прв ред тоа се однесуваше на Србија, коишто сакаат членство во ЕУ не можат „да седат на две столчиња“ и предизвика големи реакции на српските функционери и белградските медиуми, а во меѓувреме се огласи и руското министерство за надворешни работи со пораката дека САД не би трабело да се мешаат во соработката меѓу Србија и Русија.

Чепурин доаѓањето на Хојт Ји во Белград во интервјуто го нарекува „патување“ и вели дека „вниманието посветено на тоа патување е преголемо, многу претерано“. „Според мене, важно е да се има чувство за мерка кога се зборува за овој или кој и да е друг гостин“, вели Чепурин.

Рускиот амбасадор натаму истакнува дека Брајан Хојт Ји „никогаш ниту го видел (американскиот претседател Доналд) Трамп, па дури ни американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, бидејќи тоа се многу различни рангови,“ и запраша кого Ји претставува „бидејќи добро се знае дека американското општество е поделено“.

„Ја претставува ли тој претходната власт? Ја претставува ли новата администрација: Американската елита е остро поделена и едните се мразат со другите. Апсолутно не е јасно“, вели Чепурин.

Рускиот амбасадор повторува дека „меѓу Русија и Србија нема никакви контрадикторности“, како и дека Русија ја подржува Србија и нејзиниот „неутрален статус, територијалната целост, а се согласува со неа и кога станува збор за Република Српска и почитувањето на Дејтонскиот договор“ за Босна и Херцеговина, за кој еден од гарантите е и Србија.

Во врска со Косово, Чепурин истакнува дека „според сите закони и сите меѓународни прописи Косово и натаму е дел од Србија“, како дека Русија „во целост го поддржува територијалниот интегритет на Србија, законските права и интересите на Белград“.