Белгиски суд денеска одлучува за екстрадицијата на Пучдемон и неговите соработници

Сменетиот каталонски лидер Карлес Пучдемон и четворицата негови поранешни министри денеска ќе се појават пред белгиски суд, на прво сослушување заради евентуална екстрадиција на Шпанија.

Тоа ќе биде нивно прво сослушување откако белгиските власти ги пуштија да се бранат од слобода.

Обвинителот во Брисел претходно потврди дека сослушувањето ќе се одржи зад затворени врати, по што ќе следува одлуката дали и кога ќе бидат испорачани на шпанските власти.

Пуџдемон и поранешните каталонски министри имаат право да поднесат жалба на евентуалната одлука за екстрадиција. Кога ќе се исцрпат сите правни средства, во Белгија можат да останат до почетокот на следната година.

Канцеларијата на обвинителот потврди дека им е одредена мерка да не смеат да ја напуштат Белгија без судско одобрување, мораат да ја дадат својата вистинска адреса и лично да дојдат на сите судски сослушувања.

Против нив, како и против други девет членови на кабинетот, покренати се обвиненија за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на буџетски пари. Пучдемон и четворицата министри од неговата регионална влада претходно побегнаа во Белгија, не чекајќи ги обвиненијата.