Tesla во Австралија ја заврши инсталацијата на најголемата литум-јонска батерија на светот

Американската технолошка компанија „Tesla“ го заврши инсталирањето на најголемата литиум-јонска батерија на светот и следните денови планира да ја вклучи.

Батеријата којашто може да складира енергија со моќност од 100 мегавати во Јужна Австралија би требало да функционира како заштитен механизам за државната електроенергетска мрежа во случаи кога има недостиг од енергија.

Нејзиниот капацитет гарантира снабдување на 30.000 домаќинства во траење од еден час. Енергијата ќе ја произведува паркот на ветерните централи на француската компанија за обновлива енергија „Neoеn“.

Извршниот директор на „Tesla“, Илон Маск, изјави дека нема да го наплати инсталирањето на батеријата, доколку работите не бидат завршени во рок од 100 дена од потпишувањето на договорот. Се чини дека компанијата сепак ќе успее да го заокружи проектот во зададениот термин, односно до 1-ви декември.

Маск понудата за инсталирање на батеријата ја објави на Twitter, откако Јужна Австралија во февруари претрпе низа прекини во снабдувањето поради недостиг од електрична енергија поради преоптоварување. На овие проблеми во септември се надоврза бурата која уништи далекуводи и друга клучна инфраструктура, па 1,7 милиони жители ширум земјата останаа без струја.

Недостигот доаѓа кога побарувачката ќе го надмине снабдувањето, а австралискиот енергетски регулатор во тој случај им наложува на енергетските компании да ја сопрат испораката на струја за домаќинствата поради заштита на електроенергетската мрежа.

Државата целосно ќе управува со капацитетот на батеријата за да се избегне недостиг од струја поради преоптовареност на системот. Проектот е дел од поширокиот план насочен на обезбедувањето на испораките на енергијата во државата којашто е многу зависна од обновливата енергија.

Иако уште мора да ја пројде фазата на иницијалното тестирање, батериското поле „ќе пружа услуга на сигурност во системот“, веднаш по вклучувањето, пишува во четвртокот британскиот јавен сервис BBC.

„Најголемата литиум-јонска батерија на светот ќе биде важен дел од нашиот диверзифициран енергетски сектор и со неа испраќаме јасна порака дека Јужна Австралија благодарејќи на батериското складирање на енергијата ќе биде предводник во областа на обновливата енергија“, изјавил премиерот на оваа сојузна австралиска држава, Џеј Ветерил.