Баерн есенски првак, нов пораз на Борусија (Д)

Фудбалерите на минхенски Баерн славеа на гостувањето кај Ајнтрахт со 1:0 во 15-то коло од германската Бундеслига и ја обезбедија титулата есенски првак, а нови пораз, овојпат на домашен терен забележи Борусија Дортмунд.

Баварците славеа во Франкфурт со минимален резултат, благодарејќи на голот што го постигна Артуро Видал во 20 минута. Ајнтрахт беше подобра екипа во текот на поголемиот дел од дуелот, особено во второто полувреме, но неговите фудбалери не успеаја да дојдат до погодок.

Баерн воопшто не беше сјаен во освојувањето на рекордната 23-та титула есенски првак, но од ова коло извлече максимум, бидејќи најблискиот клуб РБ Лајпциг киксираше играјќи дома со Мајнц 2:2, иако двапати беше во водство. Домашните поведоа преки Кевин Кампкл во 29 минута, но по десет минути гостите изедначија преку Робин Квајсон. Новото водство на Лајпциг му го донесе Тимо Вернер од пенал во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме, и кога се чинеше дека бодовите ќе ги освојат домашните, на три минути пред крајот Мајнц изедначи со голот на Емил Бергрен.

Борусија Дормунд ја продолжува агонијата и на домашен терен беше поразена од Вердер со 1:2. Гостите од Бремен поведоа во 26 минута преку Максимилијан Егештајн, а во 57 минута изедначи Пјер-Емерик Обамејанг, но осум минути подоцна Теодор Гебре Саласие го доведе повторно во водство Вердер, што остана и конечен резултат на натпреварот. Борусија Дортмунд веќе осум кола по ред нема победа во Бундеслига, и се очекува ден тренерот Петер Бош ќе ја напушти нејзината клупа.

Во Хамбург домашниот ХСВ и Волфсбург одиграа без голови.

Баерн води на табелата со 35 бодови пред РБ Лајпциг кој има 27 бодови, а следи Шалке со 25 бодови кој подоцна во саботата вечер гостува кај Борусија Менхенгладбах.