Четири повредени лица од кои едно потешко и материјална штета од 110 илјади денари се последиците од три сообраќајни несреќи, кои поради неприлагодени брзини според условите на патот, се случиле вчера и изминатата ноќ во тетовско, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.
Најтешко поминала С.Ф.(75) од Тетово која додека одела пешки на улицата „Љуботенска“ во градот вчера околу 17 часот и 25 минути била удрена од автомобил „Рено“ со тетовски регистарски таблички управувано од Р.А.(22) исто така од Тетово. При тоа С.Ф. се здобила со тешки телесни повреди и со истото возило била префрлена во Клиничката болница – Тетово од каде по укажаната помош била префрлена на скопските клиники.
Две лица се здобиле со телесни повреди откако С.С.(30) од Јанчиште загубил контрола врз автомобилот „БМВ“ со тетовски регистарски таблички што го управувал по што возилото излетало од коловозот и удрило во бетонски електричен столб и украсни дрвја. Несреќата се случила околу 4:15 часот во селото Жилче. При тоа возачот и неговиот сопатник Д.С.(20) од Прељубиште се здобиле со телесни повреди и биле однесени во Тетовската клиничка болница од каде по укажаната помош биле пуштени дома. Материјалната штета во несреќата се проценува на околу 100 илјади денари.
Околу 3:45 часот на кружниот тек од булеварите „Илинденска“ и „Видое Смилески Бато“ во Тетово автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски таблички што го управувал Д.Д.(28) од Тетово загубил контрола, излетал од коловозот и удрил во сообраќаен знак и бекатон плочки. При тоа возачот кој бил сам во возилото задобил телесни повреди и по укажаната помош во Клиничката болница – Тетово бил пуштен дома, а материјалната штета во овој случај се проценува на околу 10 илјади денари.
Полицијата извршила увид на местата од трите сообраќајки. Според податоците од извршените увиди најверојатна причина за сите е неприлагодена брзина според условите на патот, рече Јосифоски.