
Спорот со поранешната југословенска република, која го користи терминот Македонија во своето име, е најдолготраен проблем во грчката надворешна политика, секако заедно со кипарското прашање, пишува „Грик Рипортер“, пренесува НетПрес.
Многу оптимистички најави има од претставниците на владите на Грција и на Македонија, како и од посредникот на Обединетите нации, дека решение во спорот можно е да има во следните неколку месеци, по 25 години стагнација.
Токму, поради ваквите најави, грчките политички партии почнаа јавна расправа во врска со спорот за името.
Најголемата опозициска партија, конзервативната „Нова Демократија“, се обидува да предизвика раздор во владината коалиција, посочувајќи на фактот дека министерот за одбрана и лидерот на помалиот коалициски партнер во грчката влада, Панос Каменос, завзема став против секаков договор, кој го вклучува терминот Македонија.
Од една страна тој тврди дека нема да поддржи никаков предлог за име кој би го вклучувал терминот Македонија, но од друга страна бара резолуција за спорот преку совет во кој би биле вклучени сите лидери на политички партии во Грција, под покровителство на претседателот на земјата. На овој начин Каменос се обидува да ги надмине сите проблеми меѓу него и неговиот коалициски партнер и потенцијаланата употреба на терминот Македонија. Исто така, владејачката партија може да се заложи, да го искористи советот како начин за прифаќање консензус на прашањето.
СИРИЗА, од друга страна, се обидува да го потисне секое прашање кое потенцијално би предизвикало раздор во владината коалиција, користејќи ги разликите во мислењата и ставовите на Нова Демократија, во време на нејзиното владеење.
И поранешниот грчки премиер, Антонис Самарас, кој е националистички фигура во конзервативната политика и кој претходно не се согласуваше со Мицотакис додека беше дел од неговиот кабинет, сега повторно одбива да прифати секаков предлог кој го содржи терминот Македонија.
Потенцирајќи ја оваа неусогласеност, владиниот портпарол Димитрис Цанакопулос, ја обвинува Нова Демократија за дволично однесување.
„Прво треба да ја усогласат својата сопствена позиција пред да ја обвинуваат владата, која ќе дискутира за спорот преку официјални канали“, изјави тој.
Во контранапад стапи портпаролот на Нова Демократија, Марија Спираки, потенцирајќи дека администрацијата на Костас Караманлис постигна меѓународен консензус, според кој решавањето на спорот со името е предуслов за влез на балканските земји во НАТО и во ЕУ.
Во јавната пресметка се вмеша и Комунистичката партија на Грција, тврдејќи дека таа е единствената парламентарна партија која ја усвои резолуцијата за употребата на терминот Македонија, но само како географска идентификација во потенцијалното решавање на спорот со името.