Турција потпишува договор за реадмисија со ЕУ

Европската унија и Турција денеска во Анкара ќе потпишат договор за реадмисија. Тоа ќе им овозможи на земјите од Унијата да ги враќаат во Турција илегални имигранти. Оваа правило сепак нема да важи за оние имигранти кои веќе се наоѓаат на територијата на Унијата и нема да стапи во сила веднаш, пренесуваат локалните медиуми.

Договорот што се подготвува со години, доби напредок пред десетина дена, кога во Брисел еврокомесарот за внатрешни работи Сесилија Малмстром и турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу договорија датум за потпишување.

Турција ќе почне да ги прима назад од европските земји имигрантите што илегално преминале од турска територија. Тоа се граѓани на земји како Авганистан, Сомалија и Иран.

Во замена за потпишување на договорот Анкара за возврат бара олеснување на визниот режим за турските граѓани и забрзување на преговорите за членство во Европската унија.

Така освен договорот за реадмисија денес ќе биде потпишан и договор за започнување на дијалог за визна либерализација на патувањата на турските граѓани во европските земји, пренесуваат медиумите.