Министерството за образование и наука во средата му ги одземало ингеренциите на градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, за именување и разрешување на директори во основните и средните училишта на територијата на општината обвинувајќи дека не била почитувана законската процедура.
„Државниот просветен инспекторат донесе решение градоначалникот на Гостивар да ги исправи процедурите при именување и разрешување на директорите на училиштата, бидејќи не се направени според процедурите. Тоа не е направено и одземени се ингеренциите за девет месеци за да се спроведе владеење на правото“, одговори министерката за образование Рената Треневска Десковска во четвртокот на пратеничкото прашање на Сурија Рашиди.
Пратеникот Рашиди ја праша министекарата „зошто СДСМ игра по нотите на коалицискиот партнер ДУИ“. Имено, Арбен Таравари е градоначалник од редовите на опозициската Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села, а победи на локалните избори откако претходно се повлече од функцијата министер за здравство.
Одговарајќи на пратеничко прашање, министерката рече дека причина за ваквата постапка е фактот што долго време не можело да се воспостави законитост во работењето во делот на образовнаието.
„Овој процес траеше прилично долго во општина Гостивар, со цел да се даде шанса да се испочитува Законот и да не одиме на најрадикалните мерки. Во решението што е донесено, а денеска веќе испратено до општина Гостивар, и ќе биде јавно објавено за да може јавноста да го види, опишани се сите чекори што биле преземани од страна на Државната просветна инспекција, сите решенија што биле донесени од нивна страна со укажување дека градоначалникот треба да ги почитува, но за жал тоа до ден денеска не беше сторено“, појасни Треневска Десковска.
Додаде дека постојат и решенија донесени од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со што се поништуваат одлуките донесени од страна на градоначалникот што, исто така, не биле спроведени.
„Од дописот добиен од страна на Државната просветна инспекција со укажувањето за сите нерегуларности што се направени во постапката за разрешување на директори и за именување на директори што се надвор од постапка, предлогот што го добивме и единствената законска можност која ни беше на располагање за да се вопостави владеење на правото и почитување на Законот за основно образование и средно, беше одземањето на надлежностите во делот за разрешување на именување и тоа одземање ќе биде на сила девет месеци“, дополни министерката за образование и наука.