Во два атентата во Могадишу 18 убиени

Во два атентата изведени со автомобили бомби во петокот во сомалиската престолнина Могадишу, врз претседателската палата и хотел, убиени се најмалку 18 и ранети 20 лица, објавија полициски извори и безбедносните служби.

„Досега префрливме тела на 18 убиени и 20 ранети од едно место на атентатите“, изјави за AFP претставник на службата за итна медицинска помош.

Првата експлозија, по којашто следело пукање од огнено оружје, одекнала на контролен полициски пункт во близина на седиштето на сомалиската влада.

Полициски функционер потврдил дека еден напад е изведен во близина на претседателската палата. Втор автомобил полн со експлозив бил детониран би близина на неодамна отворен хотел.

Исламистичката групација ал-Шабаб (Движење на младите џихадисти), поврзана со терористичката мрежа Ал Каеда, во соопштение ја презема одговорноста за двата атентата и потврди дека цели биле владините служби.

Ал-Шабаб од 2007 година се обидува да ја собори кревката сомалиска влада којашто е поддржана од меѓународната заедница и со повеќе од 20.000 припадници на мултинационалните сили на Африканската унија, кои пристигнаа од Уганда, Бурунди, Џубути, Кенија и Етиопија.

Милитантите од ал-Шабаб беа протерани од Могадишу во август 2011 година, а последните години ги загубија многуте од нивните упоришта, но и натаму контролираат рурални области од каде што тргнуваат во герилски акции и самоубиствени напади врз сомалиските и странските воени бази.