Бевме сведоци на една грда слика, на едно силување на уставниот поредок, на демократијата и парламентарниот систем, изјави во четвртокот поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, за Канал 5 телевизија, ден по изгласувањето на Законот за употребата на јазиците.
„Имавме донесување на еден закон кој ги побуди сите чувства. Како што впрочем ја видовме и самата реалност, Законот без да се отвори расправа беше изгласан. Според Уставот, член 75, е многу јасен каде стои дека откако Законот е доставен за потпис, ќе биде вратен од страна на Претседателот на Републиката, следува негово повторно разгледување од страна на Собранието и по расправата и гласањето, Законот Претседателот на државата е должен да го потпише“, вели тој.
Ивановски објаснува дека за да може Законот да стапи на сила, мора да ги запази сите формално правни елементи, уставо-правно утврдени со Уставот и со законот.
„Тоа значи да биде донесен, да биде потпишан, да биде објавен за да може да влезе во сила. Во конкретниот случај, со оглед на тоа дека е закочена постапката околу неговото потпишување, а и со оглед на аргументите негови (Иванов) кои ги изнесува, со оглед на времето поминато, бидејќи има рок од 30 дена и со право повикува на овој рок, прашање е сега од кога ќе смета и дали може да се смета Законот за донесен. За жал, ние допуштивме во овој рок да сите правни институти да ја поместуваат својата суштина, во смисла на една општа недисциплина која само ја продлабочува натаму политичката криза“, појасни Ивановски.