Пратеникот од редовите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 истакна дека на 14-ти март беше суспендирано елементарното право на пратениците да поднесуваат амандмани.
Претходно пратеникот од владајачката СДСМ која го поднесе текстот на контроверзниот Закон за јазиците, Хари Локвенец, во вечерашното гостување на телевизијата Канал 5 рече дека тој гарантира дека македонскиот Устав нема да биде отворен за решавање на спорот за името со Грција.
Пратениците Ѓорчев и Локвенец дебатираа и за односите со соседите и за спорот околу името. Според Ѓорчев владата на СДСМ и премиерот Заев покажале дека немаат црвени линии, Локвенец, пак, даде јавна гаранција дека македонскиот устав нема да биде отворен.
„Пред целата македонска јавност потврдувам дека Уставот нема да биде сменет“, изјави Локвенец.
Според Ѓорчев начинот на кој беа одбиени нивните 35.000 амандмани е невиден преседан во досегашната практика и означува крај за парламентаризмот во Република Македонија. Оцени дека со ова се покажа дека во РМ нема веќе Собрание, реплицирајќи му на Локвенец дека со законот се распродава државата.
„Вие поднесуватвте гаранции до претседателот (Ѓорге) Иванов, вие велевте дека нема да има двојазичност, што правите …луѓето се разочарани и вознемирени“, истакна меѓу другото Ѓорчев.
За каква двојазичност зборувате“, реплицираше Локвенец, според кого со законот се дава право на граѓаните до институциите да се обраќаат на својот мајчин јазик.
„Овој закон е гаранција за унитарноста на Република Македон и јас, ви гарантирам дека ниту еден од оние кои гласаа утре немаат ни политичко ни морално право да бараат кантонизација ниту федерализација, да не шпекулираме и да не играме со адреналинот на граѓаните“, истакна Локвенец.
Според Ѓорчев, граѓаните својот глас го дале за 500 евра плата, 500 километри автопати, а не гласале за двојазичност на целата територија на државата. Обраќајќи се до својот соговорник пратеникот од редовите на СДСМ, Хари Локвенец, Ѓорчев вели: “Вие ја погазивте елементарната процедура за да донесете не уставен закон. Закон за кој не ве гласал македонскиот народ“.
„Вие буквално амандманите ги фрливте во ѓубре. Без никаква дискусија и без амандманска расправа беше изгласан противуставниот Закон за двојазичност“, рече Ѓорчев.
Го спомена и добиеното писмо од страна на Талат Џафери во кое се вели дека опозицијата може да доставува амандмани во рок од два дена пред закажувањето на седницата.
„Но и покрај фактот што амандманите навреме и уредно беа доставени, амандманската расправа беше спречена и погазено основното парламентарно и демократско право. Преседан невиден во историјата“, истакна Ѓорчев.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ се наврати и на случајот кога Талат Џафери поднесе илјадници амандмани во врска со Законот за бранителите и случајот кога пратеник на ЛДП поднесе илјада амандмани во врска со Законот за нотарите и адвокатите, тој напомена дека и во двата случаи било испочитувано правото на амандманска расправа и покрај огромниот број на амандмани.
„Сега имате ситуација каде што огромното мнозинство на Македонци прашуваат што правите неразбрани трговци?“, рече Ѓорчев алудирајќи на стиховите од македонската народна песна „Послушајте патриоти“.