
Вечерва во 20 часот, Македонската филхармонија ќе настапи на свеченото отворање на годинашното 41-во издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори од различни генерации: Три псалми за хор и оркестар (2017) од Сони Петровски, Концерт за кларинет и оркестар (2005) од Панде Шахов, како и премиерата на Концертот за виолина и оркестар (2016) од Филип Иванов. Солисти на концертот се младите, но веќе искусни, талентирани и наградувани музичари: Александар Иванов на виолина и Игор Иванов на кларинет, а ќе настапи и византискиот Камерен хор „Херувими“.
Во рамките на настанот ќе бидат доделени и годинашните награди на организаторот на ДММ, Сојузот на композиторите на Македонија.
Александар Иванов (Скопје, 2000) е најмладиот добитник на наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Моментно студира во Виена, Австрија. Истовремено e примен на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, каде што студиите ќе ги продолжи од септември 2018 година.
Игор Иванов (Велес,1984) по студиите во Грац, Австрија, во класата на еминентниот професор Штефан Шилинг, се враќа во Македонија каде што ја продолжува својата музичка активност и успешно концертира и настапува како дел од ансамблот „Контемпора“ и со други бројни камерни состави. Моментно е втор кларинетист при Македонската опера и балет.
