Ципрас: Скопје мора да има сила да донесе тешки одлуки

Сакаме решение што ќе издржи низ времето, а не решение што ризикува многу брзо да се урне и затоа, меѓу другото, како предуслов ја ставивме и промената на Уставот на соседната земја, порача од Солун грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер повторно се осврна на спорот со името откако префектот на областа Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, претходно рече дека „единствено решение е договор што нема да го вклучува терминот Македонија во името на соседната земја“.

– Се надеваме дека ќе има одѕив и од другата страна, бидејќи за нив е прашање од егзистенцијално значење. Посакувам да го сфатат тоа и да имаат сила да преземат тешки одлуки, што се неопходни. Преговараме со чувство на одговорност и со цел да постигнеме решение што ќе ги гарантира нашата историја и нашето културно наследство, а во исто време ќе исклучува секаков вид на иредентизам од другата страна. Атина сака решение што во иднина ќе им даде можност на двата народи да продолжат мирно по патот на соработката и развојот- изјави Ципрас.

Ципрас повтори дека Грција не е под притисок, а во преговорите за изнаоѓање решение учествува затоа што смета дека тоа е правилно.