Грчки војници испукале предупредувачки проектили кон турски воен хеликоптер, кој вчера вечерта летал во близина на источниот грчки остров Ро, по што ја напуштил областа, изјави денеска грчкиот весник “Екатимерини”.
Инцидентот се случил околу 23.30 часот, но не е јасно за каков тип на хеликоптер станува збор.
Неименувани извори во грчкото Министерство за одбрана рекле дека војниците постапиле според прописите на грчаката армија, како и дека министерот за одбрана, Панос Каменос е во постојан контакт со шефот на Генералната воена команда (ГЕС) и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Грција (ГЕЕТХА).
За инцидентот бил информиран и премиерот Алексис Ципрас, од чиј кабинет потврдија дека хеликоптер прелетал ниско кај островот Ро, но не го нарушил воздушниот простор на Грција, а отворањето оган од страна на грчката армија било „предупредувчко“.
Извори во грчкото Министерство за одбрана велат дека таквите инциденти се намерни, со цел за нив да слушне јавноста во Турција, но оти Грција се воздржува од каква било провокација и ќе одговори на таквите акции во согласност со меѓународните регулативи.
Грчкиот весник забележува дека два турски борбени авиони во неделата влегле во Регионот на информации за летење (ФИР) на Атина, игнорирајќи го неформалниот мораториум на воените дејствија меѓу Грција и Турција за време на големите верски празници.