Русија во саботата во морето ја порина пловечката нуклеарна електрична централа којашто треба со енергија да ги снабдува оддалечените руски научни и воени бази на Арктикот.
Бродот „Академик Ломоносов“ испловил од бродоградилиштето во Санкт Петербург на своето прво патување, на коешто треба да мине преку Балтикот и Норвешкото Море до руското пристаниште Мурманск. Крајна дестинација му е пристаништето Певек во Сибир.
Двата реактора на централата таму би требало да добијат нуклеарно гориво, изјави Павел Ипатов од „Росенергоатом“ за агенцијата ТАСС. Бродот во летото 2019 година од Мурманск ќе тргне во водите на Арткичкото Море за да ги снабдува со електрична и топлинска енергија руските бази, а истовремено ќе врши и дестилација на морската вода. Ваквата електрична централа може да ги покрива потребите од енергија за речиси 200.000 луѓе.
Проектот кој ја носи ознаката 20870 ги критикуваат активистите за заштита на околината. Организацијата „Гринпис“ неодамна предупреди дека постои можност од „пловечки Чернобил“.
Проект кој го зацврстува руското присуство на Арктик
Проектот инаку е дел од амбициите на Русија започнати уште пред пет години со кои се обновија и осовременија напуштените бази на Арктикот. Москва, исто така, го јакне своето присуство на Арктикот за да обезбеди пристап до големите наоѓалишта на нафта и природен газ околу Северниот пол кои стануваат достапни поради топењето на мразот.
Рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на март минатата 2017 година посети еден архипелаг на Арктикот, истакнувајќи ја потребата да се заштитат руските економски и безбедносни интереси во регионот на Северниот пол.
Неговата посета на Арктикот е дел од напорите на Русија да го потврди своето присуство во тој регион богат со нафта. Путин тогаш го посети архипелагот на кој руската војска кусо пред тоа изгради писта и работи на отворање постојана воена база.
Кремљ наведува дека потврдувањето на присуството на Русија на Арктикот е меѓу главните приоритети во екот на засилените тензии поради ривалството во тој регион, за кој се верува дека содржи и до една четвртина од вкупните сè уште неоткриени светски резерви на нафта и гас.
„Природните извори, кои се најважни за економијата на Русија, се концентрирани во овој регион“, оцени повеќепати Путин.
Русија бара за суверенитет над богатиот Арктикот
Руската влада тврди дека континенталната плоча во посед на Русија се простира преку целиот Северен пол и оваа недела го повтори барањето до надлежните комисии при ОН, арктичките плочи да се признаат како дел од нејзината територија. Барањето беше поднесено на 3-ти август 2015 година, по „години исцрпни истражувања“. „Побарувањето за одредување на надворешните граници на континенталните плочи во Арктичкиот океан се темели врз научно откритие дека арктичките подводни бразди, меѓу кои се Ломоносов, Меделеев, Алфа и висорамнината Чукотскоја, како и подрачјата меѓу резервоарот Подводников и Чукотскоја, имаат континентален карактер“, беше наведено.
На барањето за признавање на големата нова територија како суверен дел на Русија, мораше да одговори посебна комисија на ОН за границите на континенталните плочи. Комисијата на официјалните страници го потврди приемот на барањето и најави расправа за „делумно ревидираниот поднесок на Руската Федерација“ на следната редовна седница.
Русија првото барање го поднесе во 2001 година, а Комисијата две години подоцна заклучи дека пред донесувањето на одлуката се потребни дополнителни истражувања. Во случај на прифаќање на руското барање, територијата на Русија ќе се зголеми за околу 1,2 милиони квадратни километри.
Процените сугерираат дека на подрачјето што го побарува Русија постојат 594 локации погодни за вадење на нафта и 159 локации богати со гас. Потврдено е постоење на две големи наоѓалишта на никел и над 350 наоѓалишта на злато.
Руски одбранбен систем на Арктик
Русија ја шири својата присутност на Арктик, инсталирајќи таму во 2015 година ракетен систем „воздух – земја“. Борбените ловци од типот „Миг-31“, исто така, ќе бидат распоредени во оваа област богата со руди, заедно со новиот радар на островот Нова Земја во Арктичкото Море.
Руската армија последните години е сѐ поприсутна на крајниот север, во време кога Москва полага право на големи области од арктичкото подморје за да ги осигури и својата безбедност и правото на искористување на тамошните ресурси на нафта и гас. Арктикот поради топењето на мразот станува и се’ позначаен деловен пат, што доведе до територијални спорови меѓу неколку земји, Северниот пол го присвојуваат Канада, Русија, САД. Норвешка и Данска.
Рускиот претседател Владимир Путин во септември 2013 година нареди повторно отворање на базата којашто се наоѓа на Новосибирските острови на Арктик, напуштена во 1993 година. Како причина ги наведе потребите од контрола на северните поморски патишта, имајќи го предвид и интересот на западните земји, вклучително и на НАТО за оваа област. Температурите во оваа област се спуштаат и до 50 Целзиусови степени под нулата.
Путин и во април 2014 година порача дека Русија би требало да ја зајакне присутноста на Арктикот и да им парира на другите држави во експлоатирањето на најголемите нечепнати резерви на природните ресурси на светот, само неколку дена откако Русија го извезе првото количество нафта од ова област под брендот Arctic Oil (ARCO). Русија кон средината на април 2014 година го натовари својот прв танкер на „Газпром” со сирова нафта од брендот Arctic Oil (ARCO) од платформата во Баренцовото Море.
За својот иден економски раст Русија значително се потпира на развојот на големите наоѓалишта на енергенси на Арктикот, обидувајќи се да го заживее сообраќајниот правец низ мразот кој датира уште од советскиот период. Истовремено, САД, Норвешка и Данска, се борат за својот „чесен удел” во арктичките резерви од нафта и природен гас.
Откако Путин во 2013-та нареди повторно отворање на поранешната советска воена база на архипелагот Новосибирск, дваесет години откако беше затворена, таму беа испратени десет воени бродови и четири мразокршачи на нуклеарен погон. Рускиот претседател во декември 2013 издаде указ армијата дополнително да се фокусира на Арктикот и до крајот на годината да донесе план за изградба на новите воени бази во овој дел од светот богат со енергенси околу коj се натпреваруваат светските сили и откако кон крајот на ланскиот ноември Пентагон објави дека ја подготвува својата прва стратегија за Арктикот, бидејќи забрзаното топење на мразот во ова подрачје дава поттикнување за глобалната трговија и искористување на енергијата, но тој процес може да го следат судири.
„Тука сѐ почесто се судираат интересите на арктичките сили, и не само нивните. Земјите кои се далеку од оваа област, исто така, покажуваат интерес за Арктикот. Во тие околности, мораме да преземаме дополнителни мерки за да не заостануваме зад нашите партнери, за да го задржиме нашето влијание во регионот и во некои аспекти да бидеме пред нашите партнери”, истакна рускиот претседател тогаш во 2013 година.
Причината за таквата реакција на Путин беа сѐ позачестените изјави на Канада, зад која стојат САД, дека ѝ припаѓа Акртикот. САД, Данска и Норвешка, исто така, бараат одредена контрола на Северниот пол и се залагаат, како што велат, за чесна поделба на големите непипнати резерви на нафта и на природен гас.
Путин и минатата 2014 година неколкупати нагласуваше дека Арктикот е клучен за иднината на руската економија и безбедност, а беа обновени и некои руски бази во оваа област. Планирани за реконструкција се и аеродроми на крајниот север, како Тикси, Наријан-Мар, Аликел, Андерма, Анадир, Рогачево и Нагирскаја. Рската армија, исто така, планира и да се обноват аеродромите на Новосибирските острови и Земјата на Франц Јозеф. Во 2014 година е предвидено е и да се формираат воени единици за осигурување на воената безбедност и заштита на националните интереси на Руската Федерација на Арктикот.
Кон крајот на ноември 2013 година, тогашниот американски министер за одбрана Чак Хејгел во текот на конференција во канадски Халифакс посветена на безбедноста изјави дека американската армија ќе ги развие своја инфраструктура и можности, и ќе продолжи со одбрана на американскиот суверенитет околу Аласка. Американскиот министер за одбрана нагласи тогаш дека дел од новата стратегија е и соработката со другите земји во подрачјето на Арктик, вклучително и со Русија.
Мразот на Арктикот во 2012 година се намалил на најмалата површина откако започна сателитското снимање во почетокот на 1970-те, а многу експерти сметаат дека до средината на овој век мразот целосно ќе се топи преку летата. Како што мразот сé повеќе се повлекува, така бродовите сѐ повеќе го користат покусиот пар меѓу Атлантикот и Пацификот, а сѐ поголемата конкуренција меѓу потенцијалните истражувачи на нафтени и полиња на природен гас во подморјето.